Апашаана

„Кога омразата кон културата станува дел од културата, животот на умот го губи значењето“, пишува Алан Финкилкраут во „Поништување на мислата“. Токму тоа и е целта на властодршците споменати и неспоменати во почетокот на овој текст. Тоа им беше целта... Умот да го изгуби своето значење, а на негово место да се всади инстинктот за преживување преку послушност. Или страв.  

1639

Презирот кон интелектуалците и интелектуалното што го негуваше режимот на Груевски (и не само тој и не само неговиот режим) го уништи духот на оваа земја. Антиинтелектуализмот и уништувањето на културата станаа дел од животот на луѓето, а интелектуалците и уметниците, креативниот потенцијал на општеството, ги ставија под контрола, ги претворија во службеници.

Гмечењето на креативниот потенцијал на општеството и тоталната корупција на медиумите им овозможија на ограничени умови и насилници да воспостават нов систем на вредности, за кратко време да го вгнездат во образовните и културните политики. Ја уништија секоја можност да се развие вистински критички однос кон реалноста, го потиснаа мислењето од животот на луѓето. Ги претворија во зомби што реагираат само на сигналите од популистичките апарати на тие што се на власт.

Својот презир кон интелектуалното, кон културата и уметноста го претворија во нова „култура“, додека оние што треба да го движат општеството и да ги водат младите генерации, ги претворија во послушни службеници (слуги), бројки, ставки во партиските табели, човечиња…

„Кога омразата кон културата станува дел од културата, животот на умот го губи значењето“, пишува Алан Финкилкраут во „Поништување на мислата“. Токму тоа и е целта на властодршците споменати и неспоменати во почетокот на овој текст. Тоа им беше целта… Умот да го изгуби своето значење, а на негово место да се всади инстинктот за преживување преку послушност. Или страв.

Слично како Геринг, на кого му се припишува изреката „Кога ќе го слушнам зборот култура, се фаќам за мојот Браунинг (марка пиштол)“ (инаку, дел од дијалог во драмско дело на Ханс Јост), моќниците ги гушат и прогонуваат интелектуалците и уметниците. А тие што послушно прискокнуваат и се подметнуваат како чергиче, ги третираат како дворски шутови, измеќари или чистачи на измет.

И што добиваме од таа смеса од упропастен човечки материјал? Добиваме ситни души што газат сѐ што се подразбира под одговорност и морал. Кога ќе падне шминката од лицата изобличени од снисходливост и кога црвените фенери ќе згаснат… Во последен, грчевит обид да спасат што можат, во име на своите лакоми стопани, евтините квази интелектуалци со (полу)остварени амбасадорски и целосно пропаднати политички кариери, постојано се обидуваат да одушеват некого. Секој ден влегуваат во залудна битка против сопствената глупост и неморал и уште еднаш ја губат. Како и секогаш, откако ќе шлапнат во калливиот вир на сопствената суета и глупост и бербат ќе се направат, овие безрбетници ќе го кренат носот и ќе продолжат понатаму, како ништо да не било.

Тоа се чудни ликови. Можат со часови да се гледаат во огледало и да вежбаат микро движења на лицето, прочистувајќи го грлото и вежбајќи на глас изрази што мислат дека ќе ги направи да изгледаат достоинствено дистанцирани и објективни, мудри и досетливи, што е можно поблиску до тоа што само тие мислат дека е британски хумор. Досадни типови. Нивна најголема среќа е тоа што, откако ќе остават прв впечаток дека не се глупави, ретко кој продолжува да ги слуша (или чита, кога пишуваат). Да, можеби пишуваат ретко, но затоа пишуваат лошо и погрешно.

Тие, од кои се очекува да ги ловат и најситните нијанси на национализмот, говорот на омразата, дискриминацијата, од кои се очекува да бидат идејни водачи, всушност, се мизерни потрчковци на началниците.

Со горчина и не без тага, го гледам долгогодишниот пад на интелектуалците, уметниците, професорите… Нивното понижувачко сведување на обична черга за бришење на светнатите чизми на моќниците. Вчудовиден и згрозен сум секогаш кога ќе ги видам тие бедници со титули што, како послушни кучиња, се качуваат на бината (или на гајби) и ломотат пред камерите во ТВ студијата или пишуваат бесмислици. Ги гледам како го истураат сиот отров на нечовечноста и омразата, без одговорност, без совест, без срам! Ги гледам и се чудам како е возможно тоа. Секој ден ми се згадува кога ќе ги видам како крадат од остатоците што им ги фрлаат моќниците што ги влечат конците на нивните безживотни краци и мозоци.

Истите тие лижат и лажат наоколу по донаторските коридори и лапаат десетици и стотици илјади евра од фондовите на западните демократии за развој на културата, за истражувања и едукација за мултикултурализам, за зачувување на културното наследство на сите заедници што живеат во Северна Македонија… Истовремено, тие креатури се вработени по институциите што сите ние ги плаќаме, за да им служат на неписмени криминалци и радикали. Трошат наши пари за да бидат стапот во рацете на мрачните центри на моќта.

Јас тоа го нарекувам апашаана. Одамна ги надминало и границите и на предавството.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...