Заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, како што беше најавено во текот на минатата седмица, остварија средба со претставници на управата на „Еурокомпозит 11 Октомври“, претставници на синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), претставници на синдикатот на вработените во компанијата и со претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата, со кои разговараа за евентуалните решенија за надминување на проблемите, кои се таложени со години во компанијата.
Владата соопшти дека на средбата, од страна на вицепремиерот Анѓушев, било предложено решение на наследените проблеми, во согласност со законот, за кое претставниците на синдикатот на вработените во фабриката и на поранешните вработени, на кои им престанал работниот однос во компанијата, побарале дополнително време за консултација со своите колеги.
По добивање на согласност од страна на синдикатот на вработените и на здружението на лица на кои им престанал работниот однос во фабриката, ќе се премине во реализација на предложеното решение, со кое конечно ќе се надминат проблемите со кои се соочува оваа компанија речиси 15 години.
Владата не прецизира за какво решение станува збор.