Сите мерки кои се преземаат од владиниот план за економски раст се да ги стимулираат стопанственици на вработените да даваат поголеми плати, бидејќи само со поголеми плати може да порасне и домашната потрошувачка и со тоа да се обезбеди подобар живо, рече Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во интервјуто дадено за 1 ТВ.
Тој ги објасни како мерките ќе се одразат врз пораст на просечната плата и воопшто врз примањата на граѓаните во приватниот сектор.
– Една од мерките кои што ги реализиравме е да државата врати транспарентно 20 проценти од нето платата на сите ново вработени во компаниите, но само под услов тие да земаат плата поголема од 18.000 денари. Досега државата субвенционираше значителни суми во компаниите, за истите да продолжат да даваат плати од 9 – 10.000 денари, што цениме дека е неправедно ниту спрема вработените кои беа субвенционирани а таа субвенција не стигнуваше до нив, ниту спрема конкурентноста на пазарот на труд, бидејќи во тој случај, компаниите можеа да ги преземаат вработените на несубвенционираните компании а притоа и понатаму делеа ниски плати. Ние проценивме дека таквата состојба мора да се надмине и во таа смисла мерката ја реализиравме на тој начин – да се субвенционираат само ново вработените кои што ќе земаат плата повисока од 18.000 денари, но да не бидат преземани од други работни места или превработени, туку да се работи за нови лица, нови вработени – рече Анѓушев.
Вицепремиерот зборуваше и за конкретните чекори како ќе ги стимулираат компаниите да исплаќаат повисоки плати.
– Она што можеме да го направиме е да ги развиваме македонските компании, да можат да делат поголеми плати. Не можеме со сила да ги натераме да даваат повисоки плати, но доколку овозможиме соодветни услови, соодветна конкурентност на пазарот, соодветна заработувачка, тие самите ќе се одлучат и ќе можат да даваат повисоки плати. Во поранешните социјалистички држави баш и тоа го видовме – таму растеше просечната плата со растот на домашните компании или странски инвеститори во државата. Факт е дека порано занаетчиските професии беа побројни – текстилна, кожарска, метална индустрија, но работеа за 10-11.000 плата. Денес тоа не е возможно. Од секојдневни искуства знам дека не е возможно да најдете некој да работи за таа ниска плата. И тоа е добро. Тоа го цениме, затоа што е почетна точка во отворање на темата зголемување на платите, и ќе ги натера компаниите да размислат и да го подобрат технолошкиот развој за зголемување на конкурентноста. Владата ќе им помогне во тие инвестиции. Тоа е втората мерка за економскиот раст и развој. Владата би станала практично партнер на компаниите во делот на инвестициите. Ние ќе правиме поврат на 10, односно 20 проценти од инвестираните средства кои што тие ги имаат од претходната година доколку инвестирале во опрема, технологија – објасни Анѓушев.