Анѓушев: Да ја подигнеме економска соработка во регионот, пред да соработуваме со земјите од ЕУ ВИДЕО

112

Земјите од Западен Балкан мора да воспостават уште посилни меѓусебни економски односи и да го подигнат нивото на соработка, односно заеднички да работат на промоција на регионот како поволна бизнис дестинација и на тој начин да ја подигнат атрактивноста за привлекување на нови инвестиции, истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој заедно со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествуваа на работниот состанок на министри за економија, кој како посебна сесија се одржува во Виена, во рамките на Самитот за Западен Балкан.

– Треба да ја подигнеме меѓусебната економска соработка во регионот, пред да соработуваме со земјите од ЕУ. Владата е посветена на унапредување на соработката со сите земји во регионот и сметаме дека преку овој пристап граѓаните во нашите земји и регионот генерално ќе има бенефит. Сите држави во регионот се мали држави, како такви, тие и нивните економии, не се одржливи сами за себе и затоа мора повеќе да соработуваме – потенцираше Анѓушев.

Анѓушев посочи дека Владата посветено работи на проекти со кои ќе подобри инфраструктурното и енергетското поврзување на земјите во регионот, но и за олеснување на административни процедури за економска соработка помеѓу земјите.

– Треба да земеме во предвид дека при транзит на стока низ земјите во Западен Балкан, транспортните средства повеќе време поминуваат на граница отколку во движење. Токму затоа треба да се работи на синхронизирање и признавање на соодветни сертификати и друга документација во земјите од регионот, со што би ја подобриле брзината и ефикасноста на транспортот на стоки и би ја подигнале конкурентноста на регионот – нагласи вицепремиерот.

Анѓушев посочи дека Владата е насочена на изградба на квалитетна инфраструктура, особено на меѓународните транспортни коридори 8 и 10. Работите на коридорот 10 се во голема мера завршени, додека во периодот кој следи, засилено ќе се работи на подобрување на патната и железничката инфраструктура на коридорот 8, за што Македонија ќе добие и финансиска поддршка од страна на Европската Унија.

Во врска со енергетските проекти Анѓушев истакна дека постои иницијатива за формирање на заедничка берза за струја со Република Бугарија, односно спојување на енергетските пазари, со што ќе се влијае на поефтинување на електрична енергија за граѓаните. Изградба на 400 киловолтен далекувод со Албанија и изградба на гасовод со Република Грција се два важми проекти кои Владата ќе ги спроведува, а кои ќе донесат сигурност и конкурентност во снабдувањето со енергенси, дополни Анѓушев.

Зборувајќи за заложбите на Владата за развивање на дигитални вештини, министерот Манчевски презентираше неколку проекти и активности на кои се работи во моментов.

– Дигиталните вештини се клучни за да ги задржиме младите во регионот, да работат тука за повисоки плати и да придонесат за економски развој. Преку проектот Младинска гаранција, целта е да се обучат лица од други професии во ИТ кадри, за кус временски период од најмногу една година. Проектот – Поврзани училишта, на чие осмислување работиме во моментов, значи креирање на дигитални содржини и поврзување на сите училишта во земјата. Во завршна фаза сме и со првиот Технолошки парк и создавање на инкубатори за мали компании. Ова ќе обезбеди поволна средина и систем за младите да останат во Македонија, да бидат успешни и да придонесат за развој на економијата – заклучи Манчевски.

Министерот за информатичко општество и администрација се осврна и на заклучоците од првиот Дигитален самит, кој се одржа во Скопје годинава, а кои се поделени во четири столба, односно дигитални вештини, сигурност и безбедност, дигитална економија и општество и дигитално поврзување.

– Владата и Министерството за информатичко општество ја финализираат Стратегијата за отворени податоци како клучен документ за транспарентност на институциите и борбата со корупција. Подготвивме работна верзија на Стратегијата за широкопојасен интернет. Тука е потребно инвестирање во инфраструктура и покривање на бели зони, се со цел граѓаните да добијат поголем пристап и зголемување на услугите што ќе се добиваат електронски. Во тој контекст работиме на Електронски регистар на население и електронски идентитет на граѓаните. Во областа на сајбер безбедноста како голем глобален предизвик, можам да кажам дека за првпат имаме стратегија, каде се вклучени сите релевантни институции. Во Софија ја промовирав идејата Македонија да биде домаќин и да ја организираме првата Академија за сајбер безбедност во регионот. Тоа што произлегува од заклучоците од Дигиталниот Самит е и иницијативата за намалување на цените за роаминг. Активна е спогодбата помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина за пониски цени за роаминг, а очекувам и Албанија и Косово наскоро да се приклучат на оваа спогодба. Од комуникацијата со Европската Комисија, можам да кажам дека постои интерес и посветеност за намалување на цените за роаминг за нашите граѓани кога патуваат во земјите од Европската Унија – информираше министерот Манчевски.

Еврокомесарот Хан, во своето воведно обраќање имаше позитивни зборови за напредокот кој Република Македонија го направи изминатиот период и ја реафирмираше одлуката на Европската Комисија дека во 2019 година Република Македонија и Република Албанија, ќе започнат преговори за членство во ЕУ.

Самитот за Западен Балкан, се организира во рамките на таканаречениот „Берлински процес“, инициран од Сојузна Република Германија, а поддржан од Обединетото Кралство, Француската Република, Република Австрија и Италијанската Република. За разлика од досегашниот концепт на еднодневна конференција, годинава официјалниот дел се одвива во три дена – денес е Сесијата на Министрите за економија во Виена, на 9 јули – паралелни сесии на Министрите за надворешни работи и на Министрите за внатрешни работи, додека Претседателите на Влади се состануваат на 10 јули во Лондон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...