Антициклон

Сега, уште еднаш, оние што штрчат, што се некооперативни па дури и некомпатибилни, што бараат некакви промени и задоволување на „правдата“ – барем стручна, ако не друга – сме повторно ние! Никако да свикнеме дека, ете, требало да има соживот и со криминалци, и со простаци, со секакви бараби и шмекери, со потпикнувачи и благоглаголиви сомови, па и со ретроградни па и ретардирани елементи дури и на највисоки позиции во администрацијата.

488

Безмалу неспорно е, освен, се разбира, за злосторничкото здружение кое милува да се нарекува политичка партија, дека таканаречената „Шарена револуција“ претставуваше народен демократски циклон незапаметен во поновата, па и во постарата (освен периодот на НОВ и една-две децении потоа) македонска историја. Тој „шарен“ циклон на мигови се претвораше во речиси „убиствен“ ураган од десетици илјади граѓани кој што го збриша од политичката сцена спомнатото злосторничко здружение. Просто го усиса во центарот и го исфрли на ѓубриштето на историјата! Овој циклон навести целосно нова клима во државава. Или барем така изгледаше односно политичките познавачи оптимистички не’ убедуваа дека времето дефинитивно се менува!

И во извесна смисла така и беше, барем на почетокот. Не дека очекувавме некаква екваторијална вечна пролет, ама … промените – еве повторно не го спомнувам зборот реформи иако тој циклон (пре)често се возеше на нив – сепак навестуваа премин од една политичко-климатска зона на авторитарност, ретроградност па и ретардираност, кон друга, нова и поблагопријатна зона на демократски оптимизам. Или, метеоролошки кажано, засилената циклонска активност требаше полека да се смирува и да преминува во антициклон, со генерално мирно, стабилно и топличко за демократијата време.

Време на промени, ама не – променливо антициклонско време! Ама на човек, особено на човек од овие простори никогаш не можеш да му погодиш: времето стана премногу мирно, дури здодевно, со мали до незначителни турбуленции претежно на страната на власта, додека злосторничкото здружение сега повторно маскирано, овојпат како политичка опозиција, продолжи по старите познати шаблони. Политичките познавачи, па и ние обичните граѓани, некако очекувавме нови циклонски активности, особено во рамките на правосудството – не дека ги немаше, ама сите некако јалови – но и во рамите на целиот систем, особено во поглед на континуираното справување со сите штети од оние катастрофични урагани што циклично ја зафаќаа државава во годините на режимот.

И тука сите прогнозери беа некако здушно единствени: по реалтивната смирувачка и стабилизирачка антициклонска активност во првите неколку месеци по смената на власта, се очекуваат нови, но сега благопријатни турбуленции на релацијата власт и остатоци од злосторничкото здружение во сите важни општествени сегменти, особено во јавната администрација, во културата, во образованието, науката, здравството …

Да, генералните промени на ниво на директорски make up се случија, ама тука некако запре процесот. Антициклонот повторно надвладеа, „победниците“ како да се изморија, се свртија кон лични нешта, а тоа значеше само чекор кон воспоставување нов властелински однос во државава. И така и бидна, од истите патни трошоци за пратениците као и во груевизмот, па непотистичките вработувања, коруптивното и криминално однесување … Да, некој ќе потсети: ама последниве турбиленции ветуваат нови ветришта во едрата на промените. Точно. Ама што е проблемот?

Проблемот е што ова доаѓа некако предоцна, македонската јавност полека свикна на антициконските активности и на власта – новата – и на претставниците на старата, онаа криминалната и ретардирана, односно сега, како новина, некаква нивна заедничка спрега во која што човек не знае од која страна ќе го погоди ураганот. Ова особено е евидентно во јавната администрација, каде старите и новите „структури“ дејствуваат така унисоно и ефикасно што веќе не можете да ги разликувате. Директорскиот make up на новата власт така удобно залегна во долгоочекуваните фотелји што заборавија и зошто дојдоа на власт и што треба(а) да прават. И тие ударнички се здружија со вмронските криминални „експерти“, старите коруптивни кадри полека станаа повторно незаменливи и раководни во институциите … а (поголемиот дел од) јавноста и на тоа гледа благонаклоно.

Сега, уште еднаш, оние што штрчат, што се некооперативни па дури и некомпатибилни, што бараат некакви промени и задоволување на „правдата“ – барем стручна, ако не друга – сме повторно ние! Никако да свикнеме дека, ете, требало да има соживот и со криминалци, и со простаци, со секакви бараби и шмекери, со потпикнувачи и благоглаголиви сомови, па и со ретроградни па и ретардирани елементи дури и на највисоки позиции во администрацијата.

Времето како да застана, односно целосно се сврте во нивна полза и сите се прават слепи при очи дека тоа не го гледаат. Токму затоа, впрочем, македонскиот жабурник, не само оној во културата, повторно почнува ужасно да замирисува, да заличува на оној од пред две и повеќе години, повторно да се кристализира групата на недоделканите но недопирливи миленици чии патишта ќе одат преку сите познати и непознати лавиринти само не низ законските, професионалните, моралните, етичките процедури.

Она толку очекувано време на стручност, професионалност, чесност, ангажираност, кое што ечеше низ звукот на вувузелите на „Шарената“, се престори во тиради за (лажен) соживот, (лажно) братсво, (лажно) единство … и (не)заедништво. Зашто спојот помеѓу едните и другите никогаш не може да биде функционален и прогресивен, особено заради фактот што нивната доминација повторно воведува лажни стандарди, неморални критериуми, сомнителна етика … Тоа е исто како сите да живееме во еден затвор од отворен тип, каде секакви криминалци ви се шетаат низ дворот и низ дома! Такво општество по дефиниција е регресивно општество.

Згора на тоа, повторно, ние сме тие некооперативните и некомпатибилните. А тие се стручни само заради градот каде што се родиле, или заради бројот на „биографиите“ на богатите што ги напишале!? Само родените во Париз ли можат / смеат да ни ја развиваат културната соработка со земјите од Бенелукс, а македонски културни центри да ни поттураат професори по Хрватска книжевност?

Или, да се задржам на мојот „сектор“: погледнете ги последните неколку „ретроспективни“, па и други изложби во Скопје. Се’ се тоа главно третокласни уметници, па и миленици на бившиот режим, кои некој сега, повторно, ни ги поттура како „значаен белег во развојот на македонската уметничка сцена“, или тотални албански анонимуси ни нивелираат со Пикасо, Матис, Модиљани, македонски уметници кои живеат во странство уште во времето на режимот се претплатија на секоја година-две да ни ги сервираат (со наши пари) сите нивни („Бесконечни“) будалаштини што таму никако не им поминуваат, итн. И понатаму настојчиво некој/ некои запнале да не’ држат до приказната за културна и уметничка депонија на остатоците од ретроградното и ретардирано време на груевизмот, со сосема ретки проблесоци на понекој од повторно маргинализираните сериозни македонски уметници … главно во Музејот на современата уметност како единствена светла точка на нашево уметничко секојдневие (иако и тој, за жал, се’ уште некако не раскртува поодлучно со минатото) .

Дури, ако баш сакате, се доведуваме во ситуација уметничко-политичките пулени на пуфлата и на бившиот режим сега да ни продаваат нивни верзии на „вистината“ за „Скопје 2014“, како тие биле неразбрани, дури неоправдано критикувани. Сега, повторно, ние сме тие лошите, ние сме тие што не знаат што е што, а тие – со нивните финансиски дубиозни „калкулации“ како за изведба небаре на некое дело на Капур или Хенри Мур, а особено и со крајно сомнителните начини на кои што дојдоа до реализацијата на „проектите“ – се добронамерните кои, ете, само сакале да ни го разубават градот со нивните (не)дела! И тука као немаат никаква врска ни политичките ниту пак роднинско-партиските реалции и провениенции, тука нема врска натиго-дајмиго принципот на културната „политика“ на пуфлата и тогашниот „татко“ на градот … сето тоа ќе се остави во заборав во името на некаква „уметност“?!

Ма дајте ве молам, тоа може да се случи, ама само овде. И за ова воопшто не ми треба поткрепата ни на зборовите на премиерот за „врби, музеи …“ итн., дури, би рекол, нема потреба тој со тоа да се бави, ама очигледно – нема кој. А ние, сега, дури и сме (о)судени од неранимајковците за „политичко убиство“ на некакви „скулптури“, ама никој не сака да го спомне политичкото убиство на цел еден град, во кое што (и) овие „скулптури“ беа само вовед!?

извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...