Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 80. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по скратена постапка и со европско знаменце.
Владата на вчерашната 115-та редовна седница донесе одлука на Собранието да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел законот да се донесе што е можно побргу со цел зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.
Со Предлог законот се врши усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, а инкорпорирани се и препораките на ГРЕКО, на експертските извешати и на извештаите на ЕК за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.