Антикорупциската комисија на денешната седница одлучи да покрене прекршочна постапка против градоначалникот на Неготино, Тони Делков, затоа што во текот на претседателските и локалните избори вработувал во општината, но потпишувал одлуки и за завршување на работниот ангажман на вработени во општината.
На седницата беше констатирано дека градоначалникот постапил спротивно на Изборниот законик, затоа што не станувало збор за неодложни работи поради кои морало да се вработува во текот на изборите, а ако имало вработувања кои биле во тек преку Агенција за привремени вработувања, требало да бидат ставени во мирување.
Комисијата, констатирала дека градоначалникот не смеел за време на избори да потпишува одлуки за завршување на работниот ангажман, а тоа го направил со 13 лица. Во исто време потпишал и одлуки за вработување на 15 лица, од кои на 13 на кои им истекол договорот и со двајца нови.