Антикорупциска утврди неправилности во јавна набавка за изборен материјал на ДИК

178

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) по разгледување на пријава за корупција во Државната изборна комисија (ДИК), утврдила неправилности во одлуката договорот за јавна набавка по итна постапка да и се додели на АД Печатница „Киро Дандаро“ од Битол.

Според ДКСК, ДИК можела да преземе активности со цел навремено да се испланира и спроведе редовна постапка за јавна набавка.

– Доколку се земе предвид дека со буџетот на Република Македонија и неговите измени и дополнувања биле планирани средства за сроведување на изборните активности, како и фактот дека ДИК донела интерни акти за распоредување на одобрените средства и планирање на набавките останува нејасно од кои причини извршена е измена на Годишниот план за јавни набавки на 8 ноември 2016 и зошто не се преземале активности со цел навремено да се испланира и спроведе редовна постапка за јавна набавка со која би се обезбедила поголема транспарентност, дотолку повеќе што набавката се врши за потребите на предвремени парламентарни избори чии распишувања и спроведувања се планира подолг вмременски период, а проценетата вредност на договорот е значително висока, смета ДКСК.

ДИК образложила дека се одлучиле за оваа постапка како единствен избор со оглед на тоа што претседателот на Собранието од 18 октомври 2016 распишал предвремени парламентарни избори за 11 декември 2016. Набавката, како и средствата потребни за истата се предвиделе во Годишниот план за јавни набавки, кој е изгласан на 8 ноември 2016 година, поради што активностите околу јавните набавки требало да бидат реализирани во најкус рок.

Како што образложи ДКСК, Комисијата за јавни набавки доставила покани за преговарање до АД Печатница „Киро Дандаро“ Битола и Печатница „Европа 92“ ДООЕЛ Кочани, но во прилог на предметот не се доставени Образец на правична понуда изјава со која понудувачот потврдува дека понудата ја поднел независно, образец на конечна понуда и изјава дека понудувачот не е во можност и понатаму да подобрува, изменува и надополнува своја понуда.

– Во правното лице Печатница „Европа 92“ ДООЕЛ Кочани како сопственик фигурира Ратко Димитровски, а во правното лице АД Печатница „Киро Дандаро“ Битола истото лице фигурира како неизвршен член на одбор на директори, што наведува на тоа дека овие две правни лица се капитално и сопственички поврзани, подвлече ДКСК.

Имено, според пријавата, ДИК на 18 ноември 2016 година донела одлука за спроведување на постапка за набавка на изработка и печатење доверлив изборен материјал за предвремените парламентарни избори во 2016 година. Набавката била спроведена без претходно објавување на оглас, а по спроведената постапка ДИК на 25 ноември 2016 година доделила договор за јавна набавка во вредност од 24 милиони денари без ДДВ на економскиот оператор АД Печатница „Киро Дандаро“ Битола чија понуда била избрана за најповолна.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...