Државните институции не се целосно транспарентни и недостига инклузивност на сите засегнати страни во процесот на креирање политики, а постои и недоследна имплементација на домашната регулатива, што се клучни за ефективна борба против корупцијата.
Ова се заклучоците од извештајот во сенка за вториот процес на ревизија и имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации против корупција (УНКАК) во Република Северна Македонија со акцент на имплементација на поглавјето 2 (превентивни мерки) и поглавјето 5 (враќање на имот), што денеска беше претставен на Форумот за антикорупциски реформи во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество.
Заменик министер за правда Оливер Ристовски, рече дека стратешки приоритет на Владата е борбата против корупцијата и посочи дека со носењето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси во јануари 2019 година се зајакнува статусот на Државната комисија за спречување на корупцијата преку проширување и зајакнување на нејзините надлежности.
– Во 2018 година од извештаите кои ги добива министерството од СЈО и ЈО имало вкупно 13 ново оформени предмети на случаи на корупција од висок профил. Претежно се тоа кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување, каде 85 проценти се во надлежност на СЈО. Од страна на судовите за овие предмети веќе има изречени мерки за привремено одземање на предмети и една мерка за привремено замрзнување на финансиски трансакции – изјави Ристовски.
Тој посочи дека Министерството работи на создавање систем за следење на случаи на корупција и генерирање статистички извештаи, во кој ќе бидат поврзани сите релевантни институции со цел олеснување на процесот за обезбедување на сеопфатна статистика за превенција и репресија на корупцијата и перењето пари.
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата Владимир Георгиев, посочи дека постапуваат по сите области и веќе имаат отворено предмети на случаи на голема корупција по кои веќе постапуваат.
– Сепак, додека се во рамки на прибирање на дополнителни информации и средби со лица кои може да дадат одреден придонес и информација за одредени случаи, тоа го правиме. Откако ќе бидеме готови со нашите наоди ние ќе ги соопштиме и на седница. Ние работиме паралелно на сите полиња и не би ги делел на ситни или крупни – изјави Георгиев.
Првиот човек на МЦМС Александар Кржаловски, вели дека извештајот содржи повеќе препораки што се однесуваат на самите институции и односот на државата кон овој проблем, што постојано се посочува како еден од најголемите во изминатите 15 години.
– Во однос на ДКСК слушнавме дека веќе има над 500 пријави за корупција откако е оформен новиот состав и тоа е некаква индикација дека граѓаните се поподготвени и самите да придонесат во борбата против корупцијата – изјави Кржаловски.
Тој посочи дека од нивните досегашни истражувања се констатира дека или се прави или премалку или предоцна во борбата против корупцијата, додека премногу фокусот на почетокот е на премали работи, како што е употребата на државните возила за изборните кампањи, што е мала во светло на сите случаи на голема корупција што ги чувме во бомбите.
Фото: МИА