Претседателот Ѓорге Иванов не ги почитувал Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси, па донесувал укази за унапредување во Армијата, заклучи Антикорупциската комисија и одлучи да поведе две прекршочни пријави против Иванов.
Казните кои би требало да ги плати претседателот, како што велат од комисијата се движат од 1.000 до 3.000 евра, но тој има можност да отиде кај антикорупционерите на порамнување односно да плати половина од казната. Во спротивно, прекршочните пријави ќе одат по судски пат.
Додека таму чекаат дали Иванов ќе се појави за порамнување, тој ги обвини дека донеселе политичка одлука и дека го разочарале.
„Целосно ги отфрламе тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, претседателот постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата. Разочарува фактот што, и покрај тоа што до Државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои претседателот на Република Македонија ги донесе указите, истите не се земени предвид од страна на Комисијата, и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа“, велат од неговиот Кабинет.
Едната прекршочна е за унапредување на Васко Ѓурчиновски од генерал-мајор во чинот генерал-потполковник, со што на него ќе му се исплаќа повисока плата иако тоа е забрането во време на избори. Според антикорупционерите, за вакво унапредување според закон, предлог до претседателот дава Министерството за одбрана, а оттаму рекле дека Иванов не ни барал согласност. Другата прекршочна е за уканите на претседателот за унапредување на три лица кои, според Комисијата, не можеле да се донесат по 8 февруари – денот кога се распишаа изборите.
Од претседателската вила на Водно, пак, велат дека сите укази се донесени согласно Уставот и законите и потсетуваат дека Иванов, според највисокиот правен акт, е врховен командат на вооружените сили. Од кабинетот велат и дека слична ситуација имало и во 2016-та за назначување амбасадори, но тогашниот состав на Антикорупциска имаа сосема спротивен став на сегашниот односно утврдил дека не постои законска пречка да се доставуваат предлози за именување или отповикување на амбасадори.
Иванов во својата реакција се повикува на одреди од законите за одбрана и за служба во АРМ, според кои тврди дека не го прекршил законот. Овој дел од неговата реакција го пренесуваме интегрално:
„Во согласност со член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, Претседателот на Република Македонија поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.
Како врховен командант, Претседателот на Република Македонија нема обврска да бара одобренија за надлежности кои му се пропишани со закон.
ДКСК во образложението се повикува на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Овој закон пропишува постапка за унапредувања до чин полковник, а не генерал, која е надлежност на Претседателот на Република Македонија во согласност со Законот за одбрана.
Дополнително, Законот за одбрана е системски закон, а Законот за служба во АРМ е општ закон. Во согласност со начелото на уставност, предвидено со член 51 од Уставот на Република Македонија, јасно е каква е нормативната хиерархија во носењето на одлуките. Доколку воопшто има судир на норми меѓу двата закони, тогаш меродавни се одредбите од Законот за одбрана, а не од Законот за служба во Армијата.
Единствена одредба во Законот за Служба во АРМ, каде се споменува унапредувањето на офицерите со формациски чин генерал, е Членот 61 став 1, каде се предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, во конкретниот случај од генерал-мајор во генерал-потполковник, ако офицерот кој треба да биде унапреден поминал најмалку две години во чинот што го има. Претседателот на Република Македонија го донесе указот бр. 57 бидејќи овој критериум за генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше исполнет.
Во однос на системот на плати и надоместоци на плати, укажуваме дека во согласност со член 170 (1) од Законот за служба во АРМ, ова е надлежност на министерот за одбрана или од него овластено лице, а не на Претседателот на Република Македонија“, наведуваат од претседателскиот кабинет.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI