„Антена”: „Маслиново гранче“ ѝ понуди Зоран Заев на опозицијата за да обезбеди глас од 80 пратеници

647

На пораките од премиерот Зоран Заев, обидот да се најдат 80 пратеници кои би ги поддржале уставните измени и на предвидениот процес во Собранието, го ставаат акцентот грчките медиуми во текстовите посветени на собраниската расправа во Македонија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, новинарите во Грција коментираат дека станува збор за критична расправа со критично гласање, кое ќе биде клучно за иднината на Договорот од Преспа и додаваат дека во случај да не се постигне двотретинско мнозинство во Собранието, тогаш земјата ќе оди на предвремени избори.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, рано утрово објави текст во кој пишува дека „денес, а веројатно и во следните денови, продолжува расправата на пленарната седница за владиниот предлог за почеток на процесите поврзани со промена на Уставот, врз основа на Договорот од Преспа“. Агенцијата објаснува дека според Деловникот на Собранието расправата може да трае до 10 дена, а ќе заврши со гласање.

– Во случај предлогот на Владата да не добие двотретинско мнозинство, тогаш целиот процес автоматски се запира и во овој случај, премиерот на ПЈРМ, како што и самиот има изјавено, ќе предложи распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори. Во овој случај, се споменува дека изборите ќе се одржат на 9 декември- објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Весникот „Катимерини“, во текстот објавен на онлајн изданието се повикува на информациите објавени од МИА. Пишува дека македонскиот премиер ги повикал пратениците да гласаат според нивното определување и дека тоа е глас за европска иднина.

Собраниската седница се најде и во централните изданија на вестите на грчките телевизии.

Државната телевизија „ЕРТ“, преку јавувањето на нивниот дописник од Скопје, детално ги објасни двете сценарија. Првото, доколку се обезбеди двотретинско мнозинство, дека „ќе следуваат следните две фази за уставни измени“, кои според грчкиот новинар ќе траат три до четири месеци и второто „ако предлогот на Владата на Заев не обезбеди двотретинско мнозинство“, според кое земјата веднаш ќе оди на предвремени парламентарни избори.

ТВ „Скај“ објави дека Заев испратил порака за помирување до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, „без да појасни дали станува збор за амнестија“, додека пак ТВ „Антена“ освен изјавите на македонскиот премиер, во истиот прилог ја објавува и пораката на Никос Коѕијас од Луксембург.

– „Маслиново гранче“ ѝ понуди Зоран Заев на опозицијата за да обезбеди глас од 80 пратеници кои што се потребни за промена на Уставот и повика на национално помирување и глас според свеста- објави грчката телевизија „Антена“.

– Одбројување до првото критично гласање во Собранието во Скопје кое ќе го одреди текот на Договорот од Преспа. Зоран Заев упати повик за помирување до пратениците од ВМРО за она што се случи минатиот април- објави грчката ТВ „Алфа“.

Новинарите од грчките телевизии освен што ги пренесоа изјавите на македонскиот премиер, потсетија и на настаните во Собранието од 27 април минатата година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...