Анкета: 72 отсто од граѓаните го поддржуваат влезот во ЕУ

Забележан е опаѓачки тренд на бројот на етнички Македонци кои го поддржуваат потенцијалното членство, од друга страна има зголемување на бројот на етничките Албанци (96 отсто), кои го поддржуваат потенцијалното  членство на Македонија во ЕУ.

411

Седумдесет и два отсто од македонските граѓани би го поддржале влезот на земјава во ЕУ, доколку референдум за тоа прашање се одржи следната недела.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено во декември на примерок од илјада испитаници од Инстиутот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Во анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, прикажани се резултатите од вакви анкети од 2014 година до лани, при што компаративно може да се следи трендот на расположените по одредени прашања поврзани со евроинтегративниот процес.

На евентуален референдум против би се изјасниле 17 отсто од граѓаните, а доколку се споредат резултатите со претходните години може да се забележи дека лани има пад на оваа поддршка, во 2017 таа изнесувала 73 отсто, во 2016 – 77 отсто, а во 2014 – 80 отсто.

– Генерално општ  тренд е дека поддршката за членство на Македонија во ЕУ во голема мера ја следи динамиката на прогрес во пристапниот процес и во голема мера е поврзана со кредибилитетот на македонските перспективи за членство. Од 2009 до 2017 година забележан е константен пад на поддршка, што коинцидира со блокирањето на целокупниот процес, но таа е се уште висока, релативно отпорна на негативните ефекти од долгогодишната криза во државата. Оваа година евидентно расте јазот во поддршка по етничка линија меѓу етничките Македонци и етничките Албанци – изјави Иван Дамјановски, еден од изработувачите на анализата.

Истакна дека е забележан опаѓачки тренд на бројот на етнички Македонци кои го поддржуваат потенцијалното членство, од друга страна има зголемување на бројот на етничките Албанци (96 отсто), кои го поддржуваат потенцијалното  членство на Македонија во ЕУ.

Триесет и шест отсто од граѓаните сметаат дека земјата е подготвена за влез во ЕУ, а 57 проценти сметаат дека не е подготвена.

Нереални се очекувањата на македонските граѓани во однос на тоа кога земјата ќе стане членка на Унијата со оглед на тоа колку трае преговарачкиот процес, што се уште не е ниту почнат – 25 отсто сметаат дека тоа ќе се случи за пет години, 23 проценти дека тоа ќе се случи во наредните три години, 17 отсто сметаат дека тоа ќе се случи во следните десет години.

Граѓаните имаат информациски дефицит во однос на процесот на пристапување – над една третина од испитаниците сметаат дека земјата не е подготвена за членство во ЕУ.

-Овој тренд е опаѓачки, но сепак и покрај тоа што станува збор за малку пообјективна  перцепција очигледно е дека нема доволна информираност, нагласи Дамјановски.

Најголем дел од испитаниците сметаат дека  членството на Македонија во ЕУ позитивно ќе влијае врз развојот на економијата – 20 отсто, 13 отсто сметаат дека државата ќе добие стабилност, 19 отсто дека ќе се намали невработеноста, 14 проценти сметаат дека ќе се унапредат човековите права и слободи.

-Идентитетските фактори сериозно влијаат врз причината зошто некои граѓани се против влезот на земјата во ЕУ, што е поврзано со промената на уставното име на државата, јасно е дека идентитетските фактори и најмногу идентитетските импликации, кои произлегуваат од  промената на името ги детерминираат евроспектичните ставови во државата, истакна тој и појасни дека токму поради тоа има варијации меѓу двете најголеми етнички групи во земјата.

Иван Николовски ја презентираше публикацијата „Едрење низ бура – Македонија и ЕУ во 2018 година“ и додаде дека во споредба со минатите години кумулативниот валиден процент на негативни одговори го надминува кумулативниот валиден процент на позитивни одговори за најмалку 20 отсто.

-Од лани можеме да бележиме зголемување на спектицизмот во речиси сите категории. Оваа година е интересно што категоријата соработка со претседателот, односно дали Владата ќе успее да обезбеди кохабитација оваа година е најслабо оценето. Речиси 70 проценти одговориле дека владата нема да обезбеди успешна соработка со претседателот, нагласи Николовски.

Околу 30 отсто од граѓани сметаат дека членството на Македонија во ЕУ значително ќе придонесе врз владеењето на правото во земјата – 33,2 отсто сметаат дека ќе се подобри состојбата во правосудството, 30,6 проценти сметаат дека ќе се подобри почитувањето на спроведувањето на законите од самата власт, 28 отсто сметаат дека ќе се спречи злоупотребата на јавните функции.

Според истражувањето најголемо влијание во Македонија имаат САД со 49 отсто, потоа е ЕУ со 36,2 проценти, а 3,1 отсто сметаат дека Русија има најголемо влијание.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...