Анкета: Огромно мнозинство Американци не сметаат дека лошите односи со Русија се по вина на САД

Дури 94 проценти од испитаниците во анкетата на американското радио „Смеркониш“ не се согласуваат со ставот на Доналд Трамп дека лошите односи на земјата со Русија се по вина на Вашингтон.

233

Дури 94 проценти од испитаниците во анкетата на американското радио „Смеркониш“ не се согласуваат со ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп дека лошите односи на земјата со Русија се по вина на Вашингтон.

Во пресрет на вчерашната средбата со неговиот руски колега Владимир Путин во Хелсинки, Трамп изјави дека „односите на САД со Русија никогаш досега не биле толку лоши, благодарејќи на долгогодишните будалештини и глупости на САД“.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, само шест отсто од испитаниците во анкетата на „Смеркониш“ се согласуваат со ваквиот став на Трамп.

– САД не извршија инвазија на Крим, не го испратија (нервниот гас) „Новичок“ во Велика Британија, не ги хакираа американските и европските избори и не вршеа допинг на олимписките игри – објави на Твитер во врска со резултатите од анкетата Бил Браудер, борец за човекови права и еден од креаторите на „Законот Магнитски“. – Сето тоа го направи Русија, додаде тој.

Името на Браудер се најде во денешните наслови на светските изданија откако Путин вчера на заедничката прес-конференција со Трамп во Хелсинки, побара истрага за неговите активностите во Русија за наводно неплаќање данок и незаконски трансфер на руски пари за финансирање на кампањата на демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон.

Рускиот претседател ова го побара откако беше прашан дали размислува да ги екстрадира 12-те офицери на руското воено разузнавање ГРУ, обвинети од американскиот специјален обвинител Роберт Малер за хакирање на серверите на институции на Демократската партија во 2016 година.

Наместо екстрадиција, Путин го покани тимот на Малер да дојде во Русија и лично да ги сослуша обвинетите офицери, а во замена руски истражители да го испрашаат Браудер.

Бил Браудер водеше успешен московски фонд за инвестиции во 90-те години на минатиот век, но падна во немилост на Путин откако започна да го критикува за недостиг од владеење на правото во Русија и коруцијата во високите ешалони на руската власт.

Тој е еден од иницијаторите за донесување на „Законот Магнитски“, се кој беше замрзнат капиталот во западните земји на руски чиновници обвинети за кршење на човековите права во Русија.

Во коментар за „Њујорк тајмс“, Браудер ги отфрли наводите на Путин како измислица, истакнувајќи дека со овој закон Путин всушност е поразен.

– Ова е емоционален пораз за него, бидејќи неговите пари на Запад се практично запленети, изјави Браудер.

ФОТО: Твитер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...