НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓанско набљудување на Народниот правобранител“, поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД), спроведе анкетно истражување за тоа какви се перцепциите и ставовите на граѓаните за работата и перформансите на Народниот правобранител (НП).
Резултатите покажуваат дека две третини од граѓаните или 66,6 отсто знаат за постоењето на институцијата Народен правобранител, а солиден број се запознаени со дел од нејзините основни надлежности. Повеќе од половината испитаници се изјасниле дека Народниот правобранител е професионален во своето работење,
За Народниот правобранител, според резултатите, најмногу слушнале испитаниците од источниот регион – 85,2 отсто, а најмалку оние од Полошкиот – 43,8 отсто.
Повозрасните граѓани се повеќе информирани за Народниот правобранител, додека младите од 18 до 29 години, се најмалку информирани за постоењето на оваа институција.
Голем дел од граѓаните 76,3 отсто се подготвени да му се обратат на Народниот правобранител доколку им е повредено некое право. Овој висок процент покажува дека граѓаните ја препознаваат оваа институција како заштитник на нивните права наспроти државните и јавните институции.
– Сепак, тоа што речиси половина од испитаниците не знаат каде и како можат да му се обратат на Народниот правобранител недвосмислено укажува на потребата од поголема промоција и видливост на оваа институција, на нејзините надлежности и секако, подобро и поинтензивно информирање за начините каде и на коj начин, засегнатите граѓани можат да доставуваат претставки и да комуницираат со Народниот правобранител – стои во соопштението од НВО Инфоцентарот.
Повеќе од половината испитаници се изјасниле дека Народниот правобранител е професионален во своето работење, а 47 отсто од испитаниците сметаат дека оваа институција е транспарентна. Речиси 40 осто од испитаниците сметаат дека Народниот правобранител е независен во своето работење. Нешто над 40 отсто од испитаниците мислат дека Народниот правобранител е поставен на таа позиција заради својата блискост со власта, додека 37 отсто сметаат дека тој се наоѓа на таа позиција благодарение на својата стручност.
Овие податоци, како што наведуваат, покажуваат дека Народниот правобранител, според перцепцијата на граѓаните, покажува добар степен на професионалност и транспарентност, а потоа на стручност и независност во својата работа.
Резултатите од оваа анкета, како што истакнуваат, укажуваат на потребата од натамошно засилување на интегритетот, професионалноста, стручноста и транспарентноста на Народниот правобранител, што пак, неминовно ќе води кон независност и зголемена доверба на граѓаните спрема оваа институција.
Анкетата беше спроведена во периодот од 16 февруари до 7 март 2019 година, на повеќеслоен стратификуван примерок од 1.202 испитаници, постари од 18 години. Примерокот е национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и место на живеење