Мнозинството граѓани 61,5% би гласале против на референдум за Република Илинденска Македонија, покажува испитувањето на јавното мислење спроведено од Агенцијата за истражување М-Проспект заедно со Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка (МЦМС).
Станува збор за телефонско истражување заставовите на македонските граѓани за промена на името во Република Илинденска Македонија направено во периодот 23 мај – 26 мај 2018 г. на национален репрезентативен примерок од 1.047 испитаници.
Испитаниците биле прашани како ќе гласаат на референдум каде е е поставено прашањето „Дали се согласувате со промена на името во Република Илинденска Македонија“.
Споредено со резултатите на теренската анкета спроведена во април 2018, за граѓаните додавката Илинденска е помалку прифатлива од додавката Горна – 41,5% би прифатиле промена во Горна, споредено со 27,2% кои би прифатиле Илинденска.
Со „Не” би гласале мнозинството од етничките Македонци (70,5%).
Големо мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ исто така не би го подржале овој предлог (92,7%). Етничките Албанци во 52,8% од случаите одговориле дека Република Илинденска Македонија за нив е прифатливо решение. За симпатизерите на СДСМ овој предлог е прифатлив во 56,4% од случаите додека за симпатизерите на ДУИ во 62,5% од случаите.
Понатаму, граѓаните биле запрашани дали би се согласиле со „промена на името во Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ“. Нешто повеќе од една третина од испитаниците 38,9% би гласале за на референдум за Република
Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ.
Споредено со резултатите на теренската анкета спроведена во април 2018, многу е
поприфатлива опцијата Република Горна Македонија, кога земјата би влегла во ЕУ (47,6%). Речиси две третини од етничките Македонци (63,8%) би гласале со “Не”. Големо мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ исто така не би го подржале овој предлог (89,5%).
Етничките Албанци во речиси три четвртини (72,1%) од случаите одговориле дека Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ за нив е прифатливо решение.
За симпатизерите на СДСМ овој предлог е прифатлив во 71,8% од случаите додека за симпатизерите на ДУИ во 88,8% од случаите.
Популациската рамка на примерокот, како што велат од М – Проспект и МЦМС, било население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност биле: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони.
Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите.
Податоците, како што велат, се со веројатност на точност од 95% и со грешка +/- 3 %.