Антикорупциска: Вработувањата не се спорни, АВМУ не ги прекршила законите среде избори

842

Агенцијата за аудиовизуелни и медумски услуги не го прекршила Иборниот законик, ниту Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси со тоа што ангажирала двајца правници по распишувањето на претседателските избори.

Ова го утврдила Државната комисија за спречување на корупцијата, а одлуката е објавена на нејзиниот официјален сајт.

Истрагата за вработувањата во АВМУ, антикорупционерите ја отворија по сопствена иницијатива на почетоко на март, откако дознале дека имало вработувања во Агенцијата среде избори.

Уште тогаш АВМУ тврдеше дека постапиле законски и дека вработувањата се во согласност со Изборниот законик, кој предвидува дека може да се почнуваат постапки за вработување во случај на итни и неодложни работи. Парите за вработувањата не се од средствата на Агенцијата, туку од државната каса и тие биле претходно одобрени со одлука на Владата, така како што предвидува и Изборниот законик. Токму тоа го констатирала и истрагата на антикорупционерите.

Инаку, како што тогаш објави Плусинфо, еден од вработените правници во АВМУ дојде на место на повредената трудница во трагедијата кај Ласкарци каде што се преврте автобус на „Дурмо турс“.

Повредената правничка во сообраќајката на патот Тетово-Гостивар во првите денови по несреќата беше префрлена на одделот за патолошка бременост на Клиниката за гинекологија и акушерство на опоравување, поради што во Агенцијата биле принудени да вработат друг правник во пресрет на претседателските избори. И не само тоа, правниците за време на избори се задолжени за поведување прекршочни постапки, а со оглед на тоа што АВМУ е должна да го следи изборното медиумско претставување од денот на распишување до завршувањето на изборите на голем број радиодифузери неопходно било да се ангажира уште еден правник.

Од АВМУ, наспроти сомнежите на антикорупциската комисија, дури и известија дека откако беа распишани претседателските избори на 8 февруари, биле ангажирани седум соработници за мониторинг на програмите, а со почетокот на кампањата, дополнително ќе бидат ангажирани уште 15-тина соработници.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...