Државната комисија за спречување на корупција денеска отвори постапки за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, односно за набавката на четири возила во вкупна вредност од 114.000 евра, како и за набавка на возило од страна на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
– Индикативно е како градоначалникот купува нови возила кога има долг од 4 милиони евра – рече Нури Бајрами.
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе истражува дали Мерко ја злоупотребил својата положба при набавката на „ауди А6“ во вредност од 67.000 евра и тоа во време кога Општината е задолжена и добива пари од Владата за да се раздолжи.
На седницата беа цитирани написи од скандалозните изјави на Мерко дека го купил аудито затоа што не му личело да се вози во „шкода“.
Комисијата отвори и постапка против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски за кого ќе се истражува дали ја злоупотребил својата положба при набавка на „БМВ“ од 40.000 евра.