Анета Антова Пешева официјално е назначена за почесен конзул на Канада во Македонија на синоќешната церемонија во рамки на Деновите на Канада во Скопје кои почнаа вчера.
Долгогодишните успеси во економијата, ИКТ секторот, филантропските акции, општествено корисните залагања за надминувањето на половиот јаз, како и грижата за социјално и здраствено маргинизраните групи на Пешева, беа препознаени од меѓународната дипломатска заедница на Канада и реализирани во понуда на титулата Почесен конзул на Канада. Оваа улога, доделена на жена, претставник на бизнис заедницата е во линија на глобалните каузи за еднаквост, инклузивност и почитување на човековите права.
Амбасадорката на Канада, Кати Чаба, синоќа ја истакна соработката помеѓу двете земји, како на политичко така и на економско ниво, нагласувајќи ја и улогата на дијаспората во културната размена.
Во рамки на дводневните активности на Амбасадата на Канада акредитирана во Северна Македонија, синоќа концерт одржа кандаскиот гудачки квартет „Молинари“, а денеска амбасадорката на Канада ќе одржи предавање за студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на тема „Канада и општеството“. Предавањето ќе се одржи на англиски и француски јазик, за да се истакне двојазичноста на Канада.
Денеска попладне од 18 часот ќе се одржи информативна сесија на тема „Студирање во Канада – можности за стипендии и Кооперативно-образовни студии“ во просториите на Младихаб во центарот на Скопје.