Тие кои се против Договорот и референдумот не кажуваат со што ќе го заменат, не нудат алтернатива како ќе функционира државата, вели првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, во неговото обраќање денесја на научната конференција во МАНУ.
Поделбата кај македонскиот народ, според него, е одраз на една политика на изолација.
– Таа политика ја промовира Ѓорге Иванов од 2009 наваму и денес упорно ја спроведува. Сакам да му обрнам внимание и на раководството на опозицијата, кои се млади и добронамерни, сакаат да му служат на својот народ, да не ја голтнат јадицата на курсот на изолација на Македонија од западните вредности. На тоа треба Мицкоски многу да подразмисли – рече Андов.
Политиката на изолација, рече тој, има звучен национализам и евтин патриотизам.
Тој зборуваше и за ветувањата на опозицијата за правење нов договор со Грција.
– Со кого ќе прави договор? Со Ципрас не може, тој овој договор го направи. Со Обединетите нации не може, и тие го потпишаа овој договор. Со Мицотакис и со Каменос? Тие се неговите партнери, а Мицотакис и Каменос сметаат дека Македонија е грчка и дека името на оваа земја не смее да го содржи тој збор. Затоа ние треба сите да се свестиме пред што се наоѓаме. Само на тој начин Македонија може на долго да застане и сите како рамноправни граѓани да имаат перспектива, да не се плашат за иднината на своите деца – рече Андов.
Како што рече тој, од земја каде луѓето уживаа, се веселеа, се пееја песни, Венецуела се претвори концентрационен логор од кој не се дозволува луѓето да излезат.
– Иако Венецуела е далеку и ние сме далеку од таа политика на изолација, сепак, тоа ако го пропуштиме скапо ќе го платиме – порача Андов.
Андов упати порака и до оние кои се симпатизери на Русија и сакаат да кажат дека целата наша политика е антируска.
– Таа заблуда треба да ја објасниме. Фактички Русија ја призна Македонија и нејзината независност уште во август 1992 година. Оттогаш секогаш изјавувале дека ќе поддржат такво решение што двете земји ќе го поддржат и министерот Лавров го поздрави потпишувањето на тој договор – рече првиот собраниски спикер.
На владата, пак, ѝ порача ако може да не презема мерки кои може да го свртат вниманието кон нив наместо кон референдумот што би предизвикало одземање на внимание од вистинската цел.