Насилникот е насилник, без разлика на неговата етничка припадност, во државата постојат закони, функционира правната државата и одговорните за нападот врз Н.С. (21), кој изутрината почина во комплекс клиниките „Мајка Тереза“ ќе одговараат пред законот.
Ова го порача на денешната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во врска со нападот врз Н.С., кој се случи на 29 јуни од страна на три машки лица на автобуска постојка на булеварот „Александар Македонски“.
На прашањето дали случајот има етничка позадина Ангеловски упати апел да се прекине со таквите практики на гледање на нештата.
– Ќе ве замолам да не гледате етничка позадина, која многу често се користеше во минатото. Насилникот е насилник, ќе одговара, постојат закони, правната држава функционира, осомничените веќе се во притвор, рече Ангеловски, кој изрази сочувство за починатиот до неговото семејство од негово име и од името на МВР.
Нагласи дека МВР експресно го расчистило случајот и сторители се приведени и одредена им е мерка притвор.
– Апелирам уште еднаш и до дел од неодговорните портали, кои шират дезинформации и лажни вести да не го прават тоа, додаде портпаролот на МВР.
Потсети дека на 29 јуни на автобуска постојка на булеварот „Александар Македонски“ три лица на возраст од 19, 20 и 21 година го нападнале Н.С., по што тој е пренесен во урегентниот центар.
На 2 јули, Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода. Ангеловски изјави дека по третопријавениот се трага.
Тој додаде дека целокупниот материјал и сите докази се доставени до надлежното јавно обвинителство, ОЈО-Скопје.
Ангеловски посочи дека МВР не е надлежно да одговара дали постои можност случајот да се преквалифкува во убиство и оти за тоа е надлежно обвинителството.