Ангеловска: Буџетот има капацитет за какви било шокови со короноварирусот

Она кое што го гледаме е дека ете има откажани туристички аранжмани, па тука влијае одреденото одложување на аранжманите кај туристичките агенции.

71

– Рано е да се зборува за бројки за финансиски штети поради коронавирусот, будно се следи состојбата, а државниот Буџет е во добра кондиција во првите два месеца и имаме капацитет во секој момент да се справиме со какви било шокови – вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Првична реакција, укажува, имаше на пазарот на капитал, а засега се можни евентуални последици во транспортната и туристичката дејност поради откажаните аранжмани, како и кожарската индустрија што соработува во регионот на Северна Италија.

– Не би рекла дека може да кажеме – ништо не може да очекуваме, меѓутоа следиме и оти треба да бидеме будни и да интервенирале или превенираме каде било, следиме и го имаме капацитетот, за тоа се дискутира и во рамки на Владата. Сепак, сметам дека во однос на какви било анализи или квантификации не би било сериозно да излеземе веднаш со некакви си бројки – изјави Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата по повод стартот на проектот за локални патишта.

Како што посочи, првата реакција при ваква состојба е секогаш кај пазарот на капитал, како што беше случајот и кај нас со неодамнешниот пад на МБИ на Македонска берза, но искуство покажува оти доаѓа до стабилизирање и не било оправдано.

– Она кое што го гледаме е дека ете има откажани туристички аранжмани, па тука влијае одреденото одложување на аранжманите кај туристичките агенции, кај транспортната дејност. Друга некоја дејност во која што можеби евентуално би се почувствувало иако не зборуваме за криза зборуваме за моменталната анализа, е кожарската индустрија која што има размена со Италија. Значи, генерално зборуваме за будно следење, како што кажа и премиерот, превенирање, секако и во рамки, пред се, и најважно е здравјето и здравството, но секако и во рамки на економијата, бидејќи здравјето влијае и на економијата и обратно економијата влијае на здравјето – рече Ангеловска.

Премиерот Оливер Спасовски, пак, апелира на зголемена свест кај граѓаните за што подобро натамошно справување со опасноста од ширење на коронавирусот.

– Најважно беше како да се пресечат патиштата на пренос на коронавирусот. Мислам дека сега за сега сите заедно, и граѓаните, и институциите и медиумите, успеваме да се справиме добро. Јас само апелирам на зголемената свест кај граѓаните во однос на помошта за тоа што е потребно секој од нас да прави за да имаме добро справување и со оваа состојба, со оваа криза – изјави Спасовски.

Препораките воведени за заштита од коронавирусот да не се одржуваат јавни собири продолжуват и неделава, до 6 март. Викендов беа откажани јавни собири, а се откажаа и карневалите во Прилеп и Струмица. Нов потврден случај на коронавирус во земјава нема, а жената која е на Инфективната клиника од минатата недела позитивна на вирусот Ковид-19 е во добра здравствена состојба.

Во сила се и препораките компаниите и институциите да не дозволуваат на вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа бидејќи мора да поминат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...