Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии. Нашата трговија и со Соединетите Американски Држави и со Кина е мала, вели во интервју за „Гласот на Америка“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка во Вашингтон.
– Ефектите од кризата меѓу САД и Кина, врз нашата економија би можеле да дојдат главно преку посредните канали. Тие зависат од степенот во кој би била погодена европската економија како наш најзначаен трговски партнер и особено од тоа што ќе се случува во германската економија. Германската економија за нас е од голема важност, со оглед на високиот степен на интегрираност на нашата економија во германскиот синџир на производство – вели Ангеловска-Бежоска.
Коментирајќи ги односот на финансискиот сектор и мерките кои ги носеше Централната банка, гувернерката, вели дека финансискиот сектор ги следеше сигналите на Народната банка.
– Како што ние ја намалувавме основната каматна стапка, така и банкарскиот систем ги намалуваше активните каматни стапки, што резултираше со поповолни услови за кредитирање и зголемена побарувачка и од страна на корпоративниот сектор и од страна на населението. Секако тоа значеше и значајна поддршка за економскиот раст кај нас – вели гувернерката.