Ана, Предраг и нашите човечки порази

Речиси повеќе од деценија на ваква безвредна роба – апсурдот, имено, единствено вреди само како естетска и филозофска категорија.

1273

Сѐ ми се чини дека прилично ќе се сложиме околу тоа дека историскиот период низ кој се прпелкавме беше суштински обележан со производство, дистрибуција и потрошувачка од „апсурдот на ангро“. Во земја во која сѐ друго престана да функционира, Апсурдот редовно достигнуваше и до најдалечните места, го имаше во изобилие и се трансформираше на најчудни можни начини („трансформирајќи“, така попатно и многу до тогаш питоми и пристојни луѓе се костумираа во параисториски фрикови).

За работата да биде уште полоша, Апсурдот, богами, се конзумираше и присилно: јадеше шамар и оној кој тој шамар не го повикуваше. За ритуалните навреди и парамагиското екскомуницирање и да не зборувам.

За волја на вистината, мнозинството, барем во почетокот, сосема доброволно и многу воодушевено го проголта залакот на Апсурдот, мислејќи дека ќе им годи: така и беше, ама додека не се испостави дека Апсурдот мисли крајно сериозно и, веќе на среден рок, нема да постои ниеден човек што ќе биде поштеден од неговото непосредно дејство: некој ќе осиромаши до гологаз, другиот ќе остане без раце, нозе, татко или брат, а некој трет, богами, ќе го изнесат од дома во прицврстен сандак. Речиси повеќе од деценија на ваква безвредна роба – апсурдот, имено, единствено вреди само како естетска и филозофска категорија – се насобраа толку многу епохални примери за неговото применето дејство така што ниту луѓето со слоновско паметење не би можеле да се присетат на сите највпечатливи манифестации од таа Безумна сила, па дури и на најверзираните „сладокусци“ и тажни колекционери на лудоста би им било тешко да одберат, да речеме „top five“.

Сепак, и после десет крвави години, за мене еден од амблематските и парадигматските случаи на таа опака организирана лудост беше мојата „приватна“ Ана, девојка која работеше во локално скопско радио, девојка која во почетокот на 2008 година најпрво беше деградирана, а потоа набркана само затоа што во својата емисија пуштила некоја песна која не била поздравена од властите.

Го познавав вкусот на Ана (или барем се убедувам дека го познавав), обожаваше класична постмодерна мелодија наменета „за моментот“, односно оние „кратки“ песни кои обично траат „неколку недели“; не пушташе Ана, во тоа сум сигурен, репертоар од оние срамни „национални блудници“ и коекакви естрадни билмези од „оваа“ или „онаа“ страна на границата; Ана сакаше постмодерна америчка музика, современа, „поп“, а нашето народњачко балканско „ѓубре“ од сите страни на екс-ју-просторите го презираше. Но, сеова не е важно: песна како песна, добра или лоша, на радио легитимно се пушта и безвезна музика, па дури и кога мотивот има „педагошка компонента“; но она поради кое Ана ја зезнала работата – па потоа ги собрала своите партали и си заминала, не застанувајќи и не вртејќи се дури до Данска – бил самиот факт дека не се осмелува да пушта етнички „чиста музика“, онаа музика која ни доаѓа од колективистичкото „старо-македонско“ – чист принцип на идентификација на „непријател“.

Ана планира оваа пролет да се врати во Скопје, барем како што ми рече, се надева дека Скопје после деценија будалаштини и омраза – овој пат ќе ѝ пружи многу поголема нежност за музика и миксета, отколку за луѓе. Ми се допадна оваа луцидна досетка на Ана, ја очекувам дека ќе се врати ведра и динамична, а не како ние овде, комплетно разлупани од бестијалната блесавост и етничка тупавост. Дури во некоја смисла верувам дека музиката и миксетите многу почовечки се однесуваа кон Ана, одошто самите двоножни мајмуни кои себе се нарекуваат луѓе.

Судбината на Ана во голема мера нѐ потсетува на судбината на Предраг, моите „анонимни“ другари – луѓе кои обратно од познатите и славните – не предизвикуваат патолошка омраза, оној „прекидач“ за националните маси кои едвај чекаат да произведат омраза и да се излијат во најблиската фекалија. Што, овој пат, погреши Предраг, се прашувате? Отиде да запише Драмски факултет, полагаше приемен испит, го одбиваат затоа што неговиот татко „смрдел на комуњара“; Предраг, денес, осум години студира и живее на Менхетн, при крај е на студиите за режија, во меѓувреме е оженет и има две прекрасни дечиња.

Оној што во овие приказни ќе детектира ароганција на некаков покондурен „нашинец“ во Големиот свет, таквиот од преголемо „репетирање“ на Апсурдот сѐ уште не се отрезнил! Од овие примери, како и од зборовите на Ана, и животот на Предраг на Менхетн, се разбира дека говори еден вид повреденост, ама повреденоста на Ана и Предраг не е нивна, туку „наша“ повреденост и проблем. Затоа што сите тие луѓе, кои денес после „сите битки“ се „враќаат“ само на тој начин што конечно ќе си заминат, би морале да бидат пребрени како вкупен човечки пораз на едно срамно време.

Безбројните такви „невидливи човечки порази“ ја создаваат онаа клучна „статистичка грешка“, онаа незаменлива вредност – во вкупниот збир на зло. На тој кантар и судбината на Ана и судбината на Петар, конечно ќе добијат на тежина која им припаѓа.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...