Анатомија на една премиерска метла

3464

Метлата е вид хигиенска алатка која служи за чистење на подот. Составена е од четка изработена од сноп гранки, трски или природни влакна и од дршка. Не постои точен датум кога и каде е измислена метлата, но е забележено дека до почетокот на 19-от век нејзиниот изглед бил многу примитивен.

Во средниот век се сметало дека метлите, освен за чистење на живеалиштата и дворовите, служеле и како транспортно средство на вештерките. Иако асоцијацијата за вештерките се врзувала за жените-вештерки, според легендата првиот човек што наводно бил виден како летал на метла бил извесен Гијом Еделин во 1453. Во 1810 американскиот фармер Леви Дикенсон за својата сопруга ја изготвил првата метла од кинеска трска со дрвена дршка. Кога настапиле модерните времиња, и метлите се промениле и повеќе не биле тоа што биле некогаш. Постојано се усовршувале според изгледот и ефикасноста. Единствено легендите и суеверието за метлата останале исти. Во некои традиционални средини во Европа сѐ уште се верува дека метлата не треба да се остава до кревет или во аголот на спалната соба. Се верувало дека на тој начин   ги повикувала лошите духови. И во нашите краишта, кога некој ќе тргне на пат, дома не се мете бидејќи се верувало дека тој што заминал никогаш нема да се врати. Според суеверието се метело по заминувањето на несакан гостин, за да не се врати повторно. Денес со пронајдокот на аспираторот од страна на англосаксонецот Хуберт Сесил Бут на почетокот на 20-от век, метлата сѐ повеќе се истиснува од употреба.  Сепак, старата добра метла натаму останала значаен додатен реликт за чистење во домовите.

Политичари-чистачи

Употребата на метлата во политиката не е македонска измислица. Во 2003 Арнолд Шварценегер за време изборната кампања за гувернер во 2003, мафтал со метлата порачувајки дека тој ќе ја „исчисти“ лошата политика во Калифорнија. Во тој момент Шварценегер наликувал на политичар што ќе ги засукал ракавите и ќе се зафател со чистењето слично на неговиот омилен лик Терминатор. Неколку години подоцна претседателскиот кандидат на француските социјалисти Сеголен Ројал во текот на кампањата порача: неопходно е да направиме една генералка. А за тоа е потребно да се избере жена-претседател, која со метла ќе ја исчисти целата нечистотија во хексагоналата (Франција).

И во нашиот случај, во потегот со метлата на познатиот актер Дац за време на претседателската кампања, се препознава еден симболичен чин, политички мошне уверлив, со голем импакт врз раководството на СДСМ. Во суштина, метлата е употребена како предмет со силен визуелен идентитет кој произведува значајна политичка комуникација, или поедноставно кажано отстранување на оние кои не ги исполниле очекувањата. Пораката со метлата до Заев е демократски чин кој во времето на Груевски не можеше да се замисли. Контролата на власта од страна на народот, медиумите, опозицијата е составен дел на механизмот на кочница и рамнотежа во секој демократски систем. Суштината на апелот кон Заев е барање за корекција и демаскирање на извесни слабости, разочарувања, индеферентности, корупциски афери, непотизми на дел од раководната елита.

Ривалство и судир на суетите во партиите

Во перцепциите на обичниот граѓанин, заедничките дружби, манифестации, солидарни настапи, патриотски говори и иконографии оддаваат впечаток дека во секоја политичка партија сите се сакаат, сите заемно се разбираат, солидарно се држат за раце и се жртвуваат еден за друг. Во нашата перцепција, партиската пирамида на ВМРО-ДПМНЕ беше јасно дефинирана. Таа функционираше како воена структура, и сите наредби на кликата на чело со Груевски дисциплинирано и ефикасно биле исполнувани. Наредбите се однесувале дури и за најситни детали од кадровски до материјални од деловни до партиски прашања. Врвот на пирамидата контролираше сѐ. Ривалството и судирот на суетите постоеле, но партиската дисциплина ги неутрализирала. Дисциплината ги надминувала и партиските рамки. Моќта одела дотаму што на годишните свечени вечери со најбогатите деловни луѓе, на дрзок начин им биле јавно наметнувани договори за „доброволни прилози“ за партијата, црквата или други цели. Доволно било главниот марабу (голема тропска птица, со силен клун и гол врат, мршојадец н.з.) да не биде задоволен од висината на „доброволниот прилог“ за во следните 48 саати компанијата на грешникот да ја надјавнат фамозните инспекции чии казни биле подрастични од прилозите. Како што истакнува еден од поранешните босови на ВМРО-ДПМНЕ, „бизнисмените моравме да ги превоспитаме“. Видовме низ што помина еден од недисциплинираните, Фијат Цаноски и неговиот разурнат „Космос“.

Во СДСМ која е исто така партија од масовен карактер но со поголема демократска структура, систем на дисицплинирање од врвот до базата функционира потешко. Во самата партија постојат како и во сите демократски партии маскирани фракции за кои се сите свесни, но во името на единството никој не зборува. Меѓутоа и во едната и во другата партија, кои однадвор изгледаат единствени, обединети, хомогени и строго посветени на каузата, се случуваат динамични процеси. Во секојдневниот партиски живот вирее духот на поделбите, конфликтите на интереси, судир на суети, љубомори, ширење гласини за сопствениот ривал. Практично политичкиот натпревар е поинтензивен но помалку видлив во рамките на партиите отколку помеѓу самите партии.

Меѓу најголемиот дел функционери, раширена е илузијата дека се тие незаменливи, што потхранува и извесна нарцисоидна опиеност. Затоа разбирлива е пасијата да не му се остава многу простор на конкурентот, на оној што ја загрозува неговата позиција. Во голем број општини со кои раководи градоначалник од СДСМ, претседателите на општинската организација се во латентен конфликт. Единствената опасност за политичарите е стравот од политичка смрт. Но во нашата држава малку политичари мислат на иднината и можноста да бидат исфрлени од играта.

Метлата на Заев како црвен картон

Сите гласини, вистински или fake news се помалку или повеќе вообичаени појави на политичкиот живот. Нив ги потхрануваат внимателните набљудувачи, ловци на егзотични озборувања или блиски луѓе на партијата до кои допираат разните афери. Видено одоздола низ очилата на обичниот човек, особено кај партиски неопределените и кај дел од симпатизерите латентно се развива чувство на завист и презир кон политичарот кој ги изневерува надежите, кој не ги исполнува ветувањата или го развива непотизмот. Понекогаш разочарувањата добиваат такви димензии што за обичниот граѓанин, политичарите од едната или другата партија стануваат со еднаков знак на равенство. Брзо исчезнува и меморијата за лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ независно што ја држеше државата цели 10 години во заложништво.

Граѓанинот посакува одмазда и жртви. Не ги знаеме вистинските намери на чистачот, но пораката со метлата доколку се реализира претставува сериозен и ризичен зафат. Потребно е да се издржи ситуацијата на висок ризик. За таквиот партиски кризен менаџмент мора да се биде внимателен. Потребна е висока волја, студена крв, висина и достоинство и силна партиска поддршка во проветрувањето. Сето тоа Заев го поседува. Но тој не смее да падне во замката на емоциите иако е мошне емотивен човек. Само оној што ги поима сите ризици, што е способен да ја процени ситуацијата и да ги предвиди консеквенците на своите потези може ефикасно да се соочи со предизвикот. Во спротивно се ризикува многу. Политичките нешта не се едноставни. Тие делумно припаѓаат во доменот на уметноста на политичкото а според мислењето на реалистите, во политиката постојат само однос на силите.

Еден од принципите е дека политичкта игра е игра на страсти. Низ политичката игра треба да се дешифрира турбината на страстите која е помешана со омраза, презир, суета. Политичкиот живот е суров, илузорен, опасен и често допира до патологијата. Политичкиот свет е полн со суети, двосмислености, гласини, озборувања, драми, недоразбирања. Ништо не е стабилно во политиката, сѐ е неизвесно. Политичарот е свесен доколку не е на теренот и не е дел од екипата, тој е исфрлен од играта. Функцијата му овозможува слободна акција и простор за маневри, моќ, личен интерес и задоволување на суетата. Тој знае дека во играта учествуваат многу егоисти и цинични играчи и дека битката е тешка.

Претпоставувам, сето ова го има предвид метлата на Заев. Тој се наоѓа во улога на арбитар од кого се бара да подели црвени картони. Дали може да згреши? Да! Дали грешката би била поголема доколку ја заборави метлата во спалната соба и ништо не исчисти? Да, бидејќи нашиот народ бара политички жртви. Што да се работи? Тоа најдобро го знае политичарот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...