Името е дадено од 1992 и имам впечаток дека во некој момент треба да ги надминеме емоционалностите кои немаат врска со реалноста, порача денеска претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис на почетокот на средбата во Никозија со премиерот на Грција, Алексис Ципрас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој истакна дека ратификацијата на Договорот од Преспа стави крај на еден, „непотребен спор“ и „отвора перспективи за балансирани и стабилни односи на Грција со Северна Македонија“.
На почетокот на средбата, во дијалогот пред камерите, кипарскиот претседател топло му честиташе на Ципрас, за смелоста и решителноста што ги покажал во „прашањето што ја измачуваше Грција“.
– Ратификацијата на Договорот од Преспа стави крај на еден, според мое мислење, непотребен спор, отворајќи врати за соработка, отворајќи го патот за мир и стабилност на Балканот и создавајќи перспективи за балансирани, но веќе стабилни односи со Северна Македонија, нешто што ќе дозволи, не само поблиска економска соработка, туку и создавање на нова средина. Сакам топло да ти честитам и да посакам се најдобро – рече кипарскиот претседател.
Никос Анастасиадис, во продолжение истакна дека грчкиот премиер вложил особени напори со ратификацијата на договорот, што сведочи дека „кога постои смелост и прагматизам, особено дијалог и кога преовладува логиката, наместо емоционалноста, постои перспектива да има успешни исходи за спорови за кои во суштина нема изговори за да постојат“.
– Од моментот кога се бришат работите поврзани со иредентизмот, од моментот кога на најдобар начин е регулирано прашањето за да не постојат оспорувања за тоа дали се наследници на Александар Велики или не, имам впечаток дека она што го прикажува договорот не е само одлучноста, туку обезбедува идна перспектива за одлични односи, за одлична соработка, соработката, како и да е постоеше. За жал или за среќа, како и да е, името е дадено од 1992 и имам впечаток дека во некој момент треба да ги надминеме емоционалностите кои немаат врска со реалноста – истакна Анастасиадис.
Ципрас му се заблагодари на претседателот на Кипар, нагласувајќи дека „навистина е историски чекор, не само затоа што, го решивме и тоа на најдобар можен начин за нашите национални интереси, деценискиот спор, но генерално бидејќи ја зајакнуваме веродостојноста на Грција во меѓународната јавност и во меѓународниот фактор“.
– Мислам дека ова е важна разврска и верувам дека ќе им помогне на нашите напори, во рамките на меѓународната заедница, во Обединетите нации да бараме праведно и одржливо решение за кипарското прашање – рече Ципрас.
Photo: EPA / FRANCOIS WALSCHAERTS / POOL