Анастазија Христова: Гимназијата „Нова“ ми ги отвори вратите кон престижниот универзитет DePaul во Чикаго

Мојот интерес е насочен кон односи со јавноста, интердисциплинарна наука која е од интернационален карактер, поради што целам кон тоа стекнатите знаења и искуства да ги имплементирам во нашата земја, вели Христова.

2586

Матурантката во меѓународното училиште „Нова“, Анастазија Христова ќе студира односи со јавност на реномираниот универзитет DePaul лоциран во срцето на Чикаго, САД. Била примена на сите 5 високообразовни институции на кои аплицирала, но вели дека изборот паднал на DePaul затоа што универзитетот соработува со голем број комерцијални и уметнички заедници нудејќи пристап до студентска пракса. Анастазија се борела за влез во конкуренција од 20.000 апликанти и успеала да биде дел од среќните 2.500 примени студенти.

DePaul е еден од најголемите приватни универзитети во САД и конкуренцијата за влез е огромна. Можеш да ни кажеш како се движеше процесот на аплицирање и со колку апликанти се натпреваруваше за влез?

– Пишувањето на апликацијата е процес од клучна важност бидејќи има за цел да ги одрази сите активности реализирани за време на четирите средношколски години. Во профилот на еден апликант се разгледуваат повеќе критериуми: академскиот успех, резултатите од стандардизираните тестови како SAT и TOEFL, мотивационите писма, препораките од професорите, воннаставните и волонтерските активности. Мојата јака страна беа одличните оценки и лидерските способности за кои зборуваат успесите во бројни непрофитни организации, што ми овозможи да отскокнам меѓу 20.000 апликанти, а со тоа да бидам дел од среќните 2.500 примени студенти.

Што сè се бара од еден средношколец од Македонија за да влезе во ваква престижна високообразовна институција? Кој совет би им го дала на сите оние млади луѓе од земјава кои сонуваат да се запишат во универзитет од ваков калибар?

– За мене движечка сила беше една реченица, што мојата прва наставничка ми ја запиша во детскиот споменар: „Далеку гледаш, далеку ќе стигнеш“. Мојата препорака до сите млади луѓе е да веруваат во себе и во целите што си ги поставуваат иако се надвор од нивниот дофат, бидејќи само така ќе си ја задржат упорноста и секојдневно ќе тежнеат да го остварат својот сон. Покрај ова, важна улога играат и интернационално признаените програми кои би ги изучувале во трета и четврта година; какви што се International Baccalaureate (IB) и Advanced Placement (AP) кои се нудат во „Нова“. Меѓу другото, апликантите треба да се покажат не само како одлични ученици, туку и како совесни граѓани кои придонесуваат за општото добро и се подготвени да прифатат нови предизвици.

Колку гимназијата „Нова“ те подготви за процесот на аплицирање и воедно колку ти помогна и ти беше поддршка за да се запишеш на универзитетот DePaul?

– Гимназијата „Нова“ претставуваше отскочна даска во моето целокупно образовно искуство. Сублимираната и стручна програма IB заедно со професионалниот кадар ми помогнаа да искусам студии на факултетско ниво додека сум сѐ уште во средно училиште. За процесот на академско насочување, бирање на универзитет кој би одговарал најмногу за мене и во процесот на самата апликација се погрижи координаторката на мојата генерација, Бела Глигорова. Исто така, малиот број ученици за време на часовите, кои воедно доаѓаат од различна културолошка средина, придонесе за една уникатна атмосфера на учење и дружба. Чувството на припадност на едно мултикултурно семејство кое го сочинуваат амбициозни ученици со отворен ум ми даде огромна морална поддршка.

Каде ја гледаш својата иднина, во Македонија или пак во САД?

– Мојот интерес е насочен кон односи со јавноста, интердисциплинарна наука која е од интернационален карактер, поради што целам кон тоа стекнатите знаења и искуства да ги имплементирам во нашата земја. Во Македонија, како земја во развој, има простор за напредок во оваа струка и потреба да се пренесат дополнителни знаења на помладите генерации.

Што очекуваш од твојот престој во Чикаго и од твојот престој во DePaul?

– Она што го прави универзитетот навистина уникатен е тоа што ги охрабрува студентите да одат на пракса, која би придонела за општествениот, економскиот, културниот и етичкиот квалитет на живот во оваа метропола. Во големо исчекување сум да ги истражам убавините на градската средина преку интегрираното образование кое се нуди.

DePaul е универзитет кој е познат по тоа дека има голем број студенти од различни држави од целиот свет. Колку сметаш дека овој факт ќе ти биде олеснување или плус за време на студискиот престој?

– Разновидноста со која се сретнав во „Нова“ ми ги отвори вратите кон целиот свет без да патувам некаде. Сега кога веќе ја имам таа можност, го очекувам истото позитивно искуство: соработувајќи со студенти од различни држави да се подготвам за работа во глобалното општество. Новите гледни точки со кои ќе се соочам ќе ми овозможат панорамска перспектива на светот и појасна слика за моето место во него.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...