Неусогласеност на податоците за бесправна сеча на дрва меѓу надлежните институции, уништување на шумите со бесправна сеча, проблеми со екипирање на вработените во ЈП “Македонски шуми“, недостиг на човечки ресурси за локализирање и за спречување на пожари, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.
Ова се само дел од наодите нотирани во новиот ревизорски извештај со наслов „Ефикасност на мерки, политики и проекти за заштита на шумите во Македонија“ во која се анализира состојбата со заштита на шумите, но проблемите со кои се соочуваат надлежните институции во период од 2015 до 2017 година.
– Иако е изминат период од осум години од воведување на обврската за донесување Општ план за стопанисување со шумите“, како еден од основните плански документи, истиот сеуште не е донесен, пишува во ревизорскиот извештај. Инаку, ваквиот план треба да е со важност 20 години а го усвојува Собранието.
Скандалозно – последниот попис на шумите во далечната 1978 година …
Серија на недоследности и пропусти, ревизорите констатирале во клчниот сегмент – евиденцијата на шумските ресурси.
– Од страна на Министерството за земјоделство не е спроведена национална инвентаризација на шумските ресурси, постапка преку која ќе се обезбедат податоци за состојбата на шумите. Токум овие податоци, министерството треба да ги собира, евидентира и води во единствена база на податоци, наведува ревизорот и меѓудругото додава:
– Од страна на МЗШВ не е воспоставен и не се води Катастар на шуми и шумско земјиште со цел евиденција на шумите и шумсокото земјиште.
Ревизорот открива дека последниот попис на шумскиот фонд во земјава е спроведен во периодот од 1978 до 1982 година. Сите овие пропуст во однос на „пописот“ и „описот“ на шумското земјиште, според ревизорот влијаат неосоодветно врз поставување на одржливи политики, стратегии и планирање во овој сектор.
Проблеми има и со екипираност на шумската полиција, надлежна за чување на шумите.
– Секторот за шумска полиција функционира со 30 шумско полициски станици во кои се предвидени 439 работни места а се пополнети 375 или 82 отсто, се наведува во извештајот на ревизорот кој нотира:
– Во секторот за внатрешна контрола предвидени се осум работни места, но не е пополнето ниту едно.
Пазар на црно во бизнисот со дрва …
Еден од клучните проблеми во овој сектор е бесправната сеча, се вели во новиот ревизорски извештај.
– Во периодот од од 2006 до 2016 година во ЈП Македонски шуми евидентирана е бесправно пресечена дрвна маса од 168 255 м3 , пишува во ревизорскиот извештај и се додава дека во националните паркови Галичица и Маврово регистрирана е минимална дива сеча додека во ЈП Македонски шуми евидентирана е поголема бесправна сеча.
– Утврдена е поголема потрошувачка на огревно дрво од страна на домаќинствата од евидентираната посечена дрвна маса, наведува ревизорот и го отвора прашањето од кои извори на дрво е надополнета потрошувачката.
Со спроведената ревизија биле опфатени повеќе институции кои биле надлежни во овој сегмент , како Владата, Минстерството за земјоделство, Шумската полиција, ЈП „Македонски шуми“, Шумарскиот факултет, Државниот инспекторат за шуми и уште неколку други. Дел од институциите испратиле забелешки во однос на ревизорскиот извештај, некои од тие забелешки биле оценети како информација а дел се отфрлени.
Од големи најави, до фијаско – како заврши проектот „Ден на дрвото“ …
Во периодот од 2008 до 2016 година, проектот „Ден на дрвото“, кој беше со потпис на Владата предводена од Вмро – Дпмне чинел 13.6 милиони евра. Во новиот ревизорски извештај, во кој се анализира состојбата со шумите во земјава, посебен осврт се прави и на проектот кој требаше да ја “раззелени“ Македонија.
Во анализираниот период пошумени биле 12 869 хектари со 39.189 860 садници. Од вкупната сума потрошена во таргетираниот период, 520.000 евра биле пари обезбедени од Буџетот, 4.8 милиони евра биле средства од Програмата за проширена репродукција на шумите а 2.4 милиони евра изнесувала вредноста на садниците обезбедени од ЈП „Македонски шуми“ и од други институции.
Она што се открива во ревизорскиот извештај е дека само 21 отсто од посадените садници практично преживеале.
– Просечниот степен на прифатеност за вкупно пошумената површина од 12.869 хектари изнесува 21 отсто што претставува мал процент имајќи во предвид дека за успешно се смета пошумувањето во кое прифатеноста на садниците е во границите од 50 отсто до 60 отсто во согласност со воспоставените стандарди во шумарството, потенцираат ревизорите.
Проектот „Ден на дрво“ беше укинат на крајот од 2017 година со одлука на Владата предводена од СДСМ.
– На седница на Владат во текот на 2017 година, констатирано било дека не целисходен понатамошниот начин на спроведување на акцијата „Ден на дрвото – засадија својата иднина“ поради што се прекинува акцијата и Владата заклучила дека идните активности за пошумување треба да се реализираат преку Програмата за проширена репродукција на шумите на Министерството за земјоделство“ – се наведува во извештајот на ревизорите.
Акцијата Ден на дрво – Засади ја својата иднина, започна во август 2007 година, кога оперскиот пејач Борис Трајанов, поттикна проект за масовно засадување на голините и опустошените планини.