Анализа на НЕД: Зошто постои жед за дезинформации?

182

Националната фондација за демократија (НЕД) од САД објави нов аналитички извештај со наслов „Побарувачката за измами: Како нашиот начин на размислување го поттикнува објавувањето на дезинформации“, чии автори се Семјуел Вули и Кејти Џозеф, пренесува Мета.

Трудот се фокусира врз побарувачката на дезинформации и го поставува прашањето зошто има и такви консументи на вести кои одново и постојано бараат и им веруваат на изворите на дезинформации, одбивајќи ги другите информативни медиуми.

Она што е интересно за нас овде во Република Северна Македонија, тоа е поглавјето во кое е опишано дезинформативното милје во земјава пред референдумот за името на 30 септември 2018 година. Извештајот ги спомнува иницијативите #бојкотирам, финансиското влијание на рускиот милионер од Солун, Иван Савидис, употребата на ботовите во јавната дискусија околу референдумот, прогласувањето на НАТО и западните сојузници како „фашисти“ од страна на противниците на референдумот и други.

Разбирањето на факторите кои влијаат врз постоењето на побарувачката за дезинформации е од суштинско значење за создавање ефикасни одговори, сметаат авторите, додавајќи дека сите оние кои се борат против ширењето на дезинформациите треба да развијат иновативни адаптации против актуелниот, преполн со дезинформации информативен пејзаж.

Според нив, она што треба особено да се сфати тоа е фактот дека дезинформациите се глобален феномен во кој младите демократии (како македонската) се особено ранливи, што пак изискува дополнително внимание и вршење истражувања на овие теми.

Иницијативите за проверка на факти, според авторите, треба да ја имаат предвид психологијата на своите публики, како и фактот дека консументите на вести, кои веќе му веруваат на некој политички наратив, е поверојатно дека ќе ги одбијат информациите кои вршат корекции на нивните ставови и дека ќе ги рационализираат своите веќе постоечки уверувања. Истиот овој предизвик се појавува и кога станува збор за ширењето на медиумската писменост.

Трудот обрнува особено внимание на технологиите за кои се очекува штотуку да се појават и уште повеќе да ја отежнат борбата против дезинформациите и злоупотребите на личните податоци какви што се сѐ пораширените и крајно реалистични фото, аудио и видео манипулации, злоупотребата на виртуелната и засилената реалност (virtual and augmented reality), масовното биометриско набљудување и други.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...