Анализа на бурекот

1468

Financal Planing and Budgeting-SME

Четврт бурек чини 50 денари. За да го направите, мора да направите трошоци за фурната/фирмата. Генерално, трошоците се делат на фиксни и променливи.

Фиксни трошоци

Фиксните трошоци мора да ги платите, ако сакате да правите бурек. Или ако сакате да не ве затворат или тужат. Во принцип, најголемиот дел се однесуваат на трошоци за државната уста, како што се: придонеси, даноци, такси, паратакси, фирмарини, трошарини, глупарини и останати гомнарини. Сите овие трошоци мора да ги вградите во цената на чинењето на четвртинката бурек. Дали ќе ви бидат доволни овие 50 денари продажна цена со вклучено ДДВ, е друго прашање. Пред многу години правев пресметка за еден проект со цел да се утврди колку една фирма по единица вработен има вкупни давачки. Резултатот беше 73-78%. Но, за да ја формирате производната цена на четвртинката бурек мора да платите и променливи трошоци.

Променливи трошоци

Во тие 50 денари продажна цена мора да најдете место и за променливите трошоци. А тоа се меѓу останатите: сировини и материјали, струја, вода, греење-ладење, нето плати, к-15, нотарски, банкарски, адвокатски и сметководствени услуги, одржување и амортизација на опремата, дезинсекции и дератизации, Хасап и Халал трошоци… и останати непредвидени трошоци.

На прв поглед делува невозможен бизнис план, концепт и стратегија. Сите овие стотина видови трошоци и расходи процентуално да ги сместите во 50 денари четвртина бурек продажна цена? Затоа ви преостанува да ги анализирате сите опции.

Кои се опциите?

Нема многу опции. И претежно се во реструктуирањето на променливите трошоци. Фиксините трошоци не трпат рационализација и реструктуирање. Мора да ги платите. Колку се, толку се. Во спротивно, можете да си ја навлечете гладната буџетска уста со инспекции, извршители… Тоа воспоставено правило буџетската уста нема намера да го менува. Односно, гиљотини и касапници на нивната буџетска расходна страна е само во нивните политички програми. Затоа нивните приходи (а ваши расходи) мора да бидат колку им треба.

Покачувањето на продажната цена исто така не е издржлива опција на долг рок, затоа што понудата на постоечките фурни, исто како во ќебапчивството, е преголема. Проекцијата покажува дека во догледно време пристојните ресторани ќе исчезнат под притисок на ќебапчиството. Едноставно не се конкурентни со цените и стандардите. Како и сѐ останато во економијата што се обидува да задржи пристојни стандарди во работењето.

Бројот на опциите е многу лимитиран. Но да видиме три од нив:

Опција 1

Во варијабилните трошоци постојат потенцијални заштеди. На пример, во сировините и материјалите. Наместо да користите свежо мелено месо, можете да користите мртво смрзнато аргентинско месо. Или да прејдете на пеплосано брашно. Исто така, може да користите разни прашкови емулгатори од типот Е-50 па сѐ до 5.000. Тоа ќе го зголеми габаритот на тестото. Анализите покажуваат дека купувачите сакаат повеќе габарит за 50 денари.

Во праксата тоа се покажа успешно особено кај хамрбургерниците. Една лепиња достигнува и 1 кг. Со додаток на пржените компири во палмино масло и мртво смрзнато аргентинско месо, сигурно ќе се одрази на производната цена. Палминото масло како сировина се покажа како извонредна замена за сончогледовото масло. Нема мирис, вкус, истата количина може да се употребува скоро неограничено. Единствен недостаток е што не се разградува во човечкиот организам. Еден познат технолог вели, во минатото масовно се употребуваше во производство на сапуни во хемиската индустрија.

Алтернативната набавка на сировини и материјали е практично неограничена. На пример, за бурекот со сирење отворените зелени пазари, како Бит-пазар, Зелен пазар, нудат широка лепеза на видови сирења и урда на природна отворена вентилација и тоа со многу конкурентни набавни цени. Анализата на успешноста кај други производи покажа дека зелените пазари на отворено нудат практично неограничени можности за влијание на структурата на производната цена. На пример, таму ќе ја најдете популарна домашна ракија таканаречена „брзосмртка“. И тоа за набавна цена меѓу 10-30 денари/литар, во зависност од квалитетот и „брзината“. Логично, зошто во ќебапчиството да продавате „Тиквеш“ жолта за 415 денари/литар, кога може за 30 денари/литар? Секој нарачува, дај една жолта на отворена чаша со салатата.

Зелените пазари се легален алтернативен извор на сировини и материјали, така што не постои опасност од државните институции. Доколку понатаму се покаже некакво влијание врз здравјето на купувачите, нема да биде ваша одговорност. Не е во вашиот опсег на бизнис и закажувањето на Мој термин. За тоа си има платени институции од вашите фиксни трошоци. Сите добро испланирани рационализации можат да внесат оптимизам во вашата SWOT Анализа на Бурекот. Секаде во структурата на варијабилните трошоци може да се рационализира, за да се вклопите во продажната цена од 50 денари/четврт бурек. На пример, доволно е да ставите табли на видни места – „Ние работиме по ХАСАП и ХАЛАЛ“. И толку. Или да ги укинете сите трошоци за маркетинг и презентации. Доволно би било да воведете нов вид бурек, на пример Бурек на промоција. Покрај бурекот да давате гратис чашка прашковен јогурт. Може да постигнете голем ефект.

На домашниот пазар филозофијата на купувачот сѐ уште е заглавена во чудесниот самоуправљачки коруптивен ум. Само да е габаритно, евтино или гратис. Сепак SWOT Анализата поткрепена со финансиската анализа на бурекот, не остава простор без радикална рационализација на променливите трошоци и ред домашни итроштини. Инаку четврт бурек со месо со сите вградени трошоци ќе ве чини 150 денари. Анализата на филозофијата на купувачот на домашен пазар покажува дека сѐ уште е длабоко во својот самоуправљачки корумпиран ум и нема развиено чувство за убава, здрава и нискокалорична храна. Некои анализи велат дека тоа е резултат на сиромаштијата на умот кој се храни со референдуми, избори, слепи партиски припадности, системски коруптивни афери и скандали на дневна основа. Позади тоа, доволно е тенџере со јувки и Фејсбук.

Опција 2

Да се обидете да аплицирате за дополнителен капитал во некој иновативен фонд за грант капитал. Можете да направите бизнис план за нов вид Бурек. На пример со име Иновативен бурек или Tesla бурек. Со забелешка, никогаш не ангажирајте професионален експерт за бизнис планот затоа што може да ви го вратат. Најкраткиот пат ви е да ги замолите во Фондот да ви предложат нивен подизведувач на бизнис планови. Кога ќе го видат името на корицата, не го читаат и само го приложуваат во папката за потребни документи.

Опција 3

Да започнете start-up бизнис во Зоната. Ќе бидете ослободени од сите фиксни трошоци, освен придонесите за вработените. Само елементот на слабости во SWOT Анализата делува непремостлив. Каде ќе извезувате бурек?

Credit Опција 4

Ако сте под 30 години возраст, да си го земете полуспакуваниот ранец и да заминете на пример во Данска. На пример, таму еден хамбургер чини 30 евра, а празен кроасан чини 2.99 евра, односно 180 денари. Кога ќе дојдат на гости домашните купувачи со Визер, сигурно ќе ви се воодушевуваат колку сте успеале во животот. И ќе ве ставаат на Фејсбук.

—-

Оваа анализа е изработена според цинично-англискиот модел на најдобрите практики. Им се извинувам на читателите, овој текст не е согласно основното блогерско правило од максимум 800 збора.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...