Во апсолутен износ, вкупниот Јавен долг на земјава на крајот од првиот квартaл од годинава изнесува 5,24 милијади евра или 46,2 отсто од БДП. Според креаторите на фискалните политики, долговите од 2017 година се во надолна траекторија, според опозицијата власта продолжува со заеми кои не даваат позитивен импулс на економскиот раст, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Каде е вистината, дали земјава е во стабилна зона на задолженост и колкави долгови и по кој основ ќе се плаќаат во годините што доаѓаат?
Што ќе се случува со долговите на државата и како ќе се менаџираат?
Споредено со просечното ниво на задолженост на економиите од Европската Унија, Северна Македонија сѐуште важи за земја со умерено ниво на задолженост, или Државниот долг на крајот од првиот квартал од годинава изнесува 4,34 милијарди евра односно 38,3 отсто од БДП а Јавниот долг (со вклченост на државниот долг) изнесува 46,2 отсто од БДП. Со новата Фискална стратегија 2020 -2022 година се предвидува нивото на вкупниот Јавен долг да не надмине 60 отсто од БДП. Новиот документ открива дека следната година максималниот износ на задолжување (државен долг) се „бетонира“ на 400 милиони евра, во исто време проектиран е пораст на гарантираните долгови на јавните претпријатија зад кои ќе застане државата.
– Изворите за финансирање обезбедени преку задолжување во 2019 година ќе бидат наменети и за делумно финансирање на отплатите што доспеваат во првиот квартал на 2020 година. Краткорочниот максимален лимит за нетозадолжување (домашно и странско) по основ на државен долг во 2020 година се утврдува на 400 милиони евра. Во периодот 2019 – 2021 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата. Заради тоа се очекува зголемување на состојбата на гарантираниот долг, и се утврдува лимит за максимално нето-задолжување по основ на гарантиран долг во 2020 година до 250 милиони евра, се наведува во Фискалната стратегија.
Дел од новите заеми, освен за покривање на буџетскиот дефицит, односно за тековни исплати, ќе се користат и за враќање на стари долгови, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk .
– Во наредниот период достасуваат за плаќање значителен износ на претходно земени обврски, односно во периодот 2019-2022 треба да се отплатат вкупно 2,3 милијарди евра по основ на главница на долг на централна власт и гарантиран долг, открива Фискалната стратегија во која се нотираат и кредитите кои треба да се вратат:
– Во 2020 и 2021 година ќе треба да се отплатат околу 835 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем склучен во 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година), како и други отплати на долгови на домашен и странски пазар. Особен предизвик за ефикасно управување со ризикот од рефинансирање се очекува во 2020 и 2021 година, кога редовно ќе достасаат еврообврзниците издадени во 2014 и 2015 година (на вкупен износ од 678 милиони евра), како и втората рата по основ на заемот обезбеден со гаранција заснована на политики од Светска банка (PBG – Policy based guarantee) во износ од 155 милиони евра.
Како претходница на овие исплати, во јануари 2018 година Министерството за финансии изврши предвремен откуп на дел од претходно издадената еврообврзница со што беше намален износот за рефинансирање во 2020 година.
Еве кој е планот за движење на дефицитот и долговите во слениот период:
2019 год 2020 год 2021 год 2022 год
Државен долг(од БДП) 42,2% 41,9% 39,8% 39,0%
Јавен долг ( од БДП) 51,7% 52,3% 50,8% 49,1%
Дел од економистите коментираат дека не се против нови задолжувања но останува прашањето каде и како ќе потрошат заемите.
Според економистите, важни се две прашања – темпото на задолжување и прашањето каде и за што се трошат заемите, и за тоа за што се трошат позајмените пари.
– Од сето тоа што како позајмица е земено на финансискиот пазар или не се инвестира соодветно, или ефектите од инвестициите се никакви, или пак, постои високо ниво на злоупотреба со јавните средства.. Според податоците на НБМ. Бруто надворешниот долг (јавен и приватен) во периодот 2006-2017 е зголемен за повеќе од три пати, додека дополнително додадената вредност во истиот период е зголемена за нешто повеќе од два пати. Вкупната дополнителна-маргинална додадена вредност во периодот 2006-2017 е помала од износот на надворешно задолжување, што значи дека, на секое едно евро вкупно надворешно задолжување имаме раст на новосоздадената вредност од 0,88 евра, што укажува на фактот дека, дополнителната новосоздадена вредност е недоволна за навремено покривање на позајмените средства и трошоците на позајмувањето – објаснуваат економските аналитичари.
Како и кога започна трендот на раст на долговите ?
Анализата на официјалните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека најниско ниво на вкупен Јавен долг како процент од Бруто домашниот производ е измерено во 2008 година кога изнесувал 23 отсто а овој пад на нивото на задолженост беше резултат на предвремена отплата на кредити и обврски кон дел од меѓународните кредитори и финансиери. Но, веќе во 2009 та година долговите почнуваат да се зголемуваат и оваа состојба го достигнува пикот во 2016 година кога Јавниот долг достигнува 48,8 отсто од БДП.
Јавниот долг е една од темите за партсики пресметки меѓу власта и опозицијата.
– Јавниот долг ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра, а граѓаните не видоа никаков бенефит од секојдневните задолжувања. Нема нови училишта и студентски домови, нема нови болници, а и тие кои останаа пропаѓаат, а нема ниту некакви инвестиции во градежништвото – изјавија неодамна од опозициската ВМРО – ДПМНЕ.
Возвратија од СДСМ:
– Нема поголемо лицемерие од тоа Вмро-Дпмне е партијата која што јавниот долг за неколку години го зголеми двојно и создаде колапс во економијата, денес да зборува за економија и задолжувања. Фреквенцијата на задолжувања е намалена, намалени се и каматните стапки и одговорно се сервисираат долговите направени токму од ВМРО – ДПМНЕ.
Според сегашната методологија на мерење на Јавниот долг во него влегува државниот долг кој ги опфаќа надворешните и внатрешните заеми на Централната Влада, Јавните фондови и општините и вклучен е и гарантираниот долг на јавните претпријатија и на акционерските друштва во државна сопственост.
—