Амнестија за Македонија- нема!

Не гледам ништо лошо, уште помалку трагично во пуштањето од притвор на Орце Камчев и Сашо Мијалков. Особено ако Сашо реши да ми купи џип. И во амнестијата на Крсто и друштвото за врати и други отвори на злото.

1606

Амнестијата е коктел од морален идиотизам, политичка корупција и добри намери, што во името на повисоките национални интереси се пие во чаша на чиј обод наместо зрнца шекер, со резне од портокал, се изналепени парченца свежи говна! Јас мислев дека тоа е поднослива жртва. Додека без заштита се печеме на островот на Историјата.

Освен тоа, ми паѓаше на ум дека можеме да го заебеме соседот на шанкот и да му го земеме цевчето или да сркаме од коктелот како куче, да го сипуваме в устата од високо, како што како деца пиевме од чепурите на маалските чешми.
И денеска мислам така.

Се обидувам да најдам некоја виша идеја таму кај што мнозинството бара и наоѓа тезга на која слободата се упува со пари. Да не ме фати ветерот на општонационаната хистерија. Не гледам ништо лошо, уште помалку трагично во пуштањето од притвор на Орце Камчев и Сашо Мијалков. Особено ако Сашо реши да ми купи џип. И во амнестијата на Крсто и друштвото за врати и други отвори на злото.

Обратно, ако е завршена истрагата и ако се сослушани сите релевантни сведоци или ако има други правни основи, луѓето треба да се ослободат од тортурата на притворската единица, а овие другите од кривичен прогон. Македонија мора да оди напред.

Но, заедно со предложените измени во кривичниот закон со кој со ретроактивно дејство од кривичен прогон ќе се ослободи комплетната елита на вмро-дпмне и ќе се сјебе макотрпната и епска работа на сјо, мене ми заличи не на практична операција за обезбедување на мнозинство за уставните измени, односно за евроатлантските интеграции, туку на обид евроатлатнските интеграции да се искористат како банка низ која ќе се исперат валканите пари на епскиот договор за пљачка и растурање на државата каква што ја знаеме. Плус Законот за пратеничките привилегии.

Со се сите митинзи, блокади,шатори, шарени и други револуции како мизансцен во кој будалите беа хор во злосторничките арии на кретенската елита. Која сега има се, а ние немаме ништо! Во таа реална приватизација на државата. Јас мислам дека тоа е праведен распоред на историското богатство на Македонија.

Што кур сакавте и очекувавте!? Не ви се излегуваше на референдум!? Не ви го растурија мозокот бомбите. Гласавте како што гласавте. Направивте Музеј на жртвите на комунизмот!? Сакавте сите да бидете вмро!?

Но, ајде да се соземеме:

Проблемот со амнестијата е во тоа што се заборава дека злото не беше функција на поединци туку на организиран систем за разнебитување на државата и општествотото. И дека со таа структура нема и не може да има помирување додека од судска медицина не потврдат дека субјектот е мртов сто посто.

Ало Заев, дали се слушаме!?

Второ, амнестијата и пакетот мерки за декриминилизација на конкретни поединци,односно, дотерувањето на комплетниот правен поредок според дневните потреби на бандата, го растура општеството, неговата морална и културна основа и супстанца, ја убива Македонија и таа само како таква може да влезе во евроатлантските интеграции. Кои во тој случај се јавуваат како друго име на гробната дупка за државата и за општеството.

Трето, се отвораат бескрајни перспективи. Ако некој сака да ја опљачка Стопанска банка, да речеме, нема потреба да формира банда како Џеси Џејмс, туку политичка партија. Не гледам што ќе го сопре Сугаревски да организира фиктквна изградба на три автопатишта на кои ќе здипли три милијарди евра.
Освен ако не е будала.

Не е можна Македонија под овие услови. Можно е дека правдата ќе ја преземат поединци и групи. Државата ја разорува својата сувереност односно ексклузивното право да дели правда и да употребува сила.
Така би било во некои малку од малку нормални држави.

А зошто, прашувам јас, Македонија да не отиде у пичку материну.

Знам дека ова може да ви звучи како некаква заебанција, но ве уверувам дека станува збор за најчистатата вистина што некогаш ми се појавила на менталниот дисплеј: Помирувањето, всушност, е помирување со себе, со својата немоќ, со своите усрани карактери, со својата мрза и ропска свест, со својата политичка и општа некултура, со себе си како лага, со лажноста на својот свет и светоглед, со тоа дека сме никој и ништо или нешто што треба да биде благодарно ако Господ реши да го тргне без да го освести пред тоа!

(Колумна во „Слободен печат”)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...