Една искусна и многу почитувана правничка некни ми го претстави своето размислување за моделот на амнестија што би можел да се примени во Македонија. Тоа, отприлика, би одело вака…
Прво, судењето за 27 април да се дотера до својот логичен, правен крај, барем на ниво на првични судски пресуди. Тоа, секако, ќе потрае уште неколку месеци, најверојатно до претседателските избори идната пролет. Тогаш, како резултат на поширок политички консензус за „национално помирување“, новоизбраниот претседател (откако претседателски и формално ќе се „упокои“ Иванов) би можел да покрене постапка за помилување на осудените и тоа само на оние кои „соработувале со правдата“, кои ги признале делата за кои Обвинителството има доволно докази против нив, а кои помогнале и во комплетирањето на целата слика за инспирацијата, организацијата и спроведувањето на планот за државен удар пролетта 2017 г.
За оние кои ќе се докаже дека стојат на чело на тој опасен заговор (вклучително и инстанци што сè уште не се обвинети во процесот за 27 април), помилувања не би имало. Впрочем, новиот претседател на државата и онака мора да направи поединечни, поименични акти на помилување, со образложение за секого од осудените кој ќе се најде опфатен во оваа политичка иницијатива.
На тој начин би се сочувал правниот интегритет на македонската држава, а иницијативата за простување и помилување би имала некаква цивилизирана политичка рамка што не би ја уништило и домашната и меѓународната претстава за Македонија како рамноправна членка на НАТО (до тогаш, државата ќе стане членка на Алијансата) и сосема не би ја спречила реформата за усвојувањето (еден убав ден) на високите стандарди за состојбите во правосудството на кои инсистира интегративниот процес во ЕУ.
Ваквиот план, можеби, би можел да биде добра основа за постигнување на политички договор во Собранието низ дебатите кои таму се планираат на тема на меѓусебните „простувања“.
Ова, се разбира, е неприфатлив план за „зовриените глави“ кои сега управуваат со ВМРО-ДПМНЕ. Тие сакаат нешто, сега и овде, ако може уште вчера, што ќе му нанесе мортална штета на СДСМ и на омразениот Заев, откако во еден централно-комитетски полноќен потез го отпишаа Мијалков и целата криминална метафора („Фамилијата“) што ја претставува нивната партија во македонската политичка реалност од нивната свест, потсвест и надсвест – и му го „увалија“ на „хунтата на Заев“!
Чирибу-чириба, ДПМНЕ се реформираше! И точка!
Од таква позиција на политички новороденчиња, раководството на таа партија сега вели дека нив не ги интересира никаков собраниски процес на помирување – напротив, тие наскоро ќе дадат свој предлог на закон за амнестија. А, ако тој не се прифати, Македонија нека му ја мисли!
Всушност, се чини дека на Мицкоски токму и му одговара да пропадне иницијативата за „простување“, па уште и предложена од Заев. Што ќе му се нему помилуваните и амнестираните?! Па, навистина, сè се тоа луѓе на Фамилијата, повеќето на самиот Мијалков – замислите тие да му се вратат на Мицкоски во тазе реформираната и декриминализирана партија?! Со три шлаканици наоколу ќе воведат ред и поредок, Александар Николовски со едно „бууу!“ ќе го истресат од гаќи, а Мијалков следниот викенд ќе им отвори казино, како депанданс на „Мериот“, во салата за состаноци на ЦК на ДПМНЕ…
Тоа е причината поради која може да се очекува делот на сегашното ДПМНЕ во опозицијата да го опструира процесот на меѓусебно „простување“, околу кој, според интерпретацијата на мицковистите, се изгради дветретинското „уставно“ мнозинство во Собранието. Всушност, кога добро ќе се размисли, неуспехот на тој процес е витален елемент за зацврстувањето на власта на Мицкоски во неговата партија, а можеби и за рушење на создадениот консензус за Договорот од Преспа. Две во едно!
Затоа, треба да се очекува дека предлогот на законот за амнестија што ќе го понуди Мицкоски ќе биде сосема неприфатлив дури и кога СДСМ би се преименувало во Милостиво здружение „Мајка Тереза“. Така, ем мицковистите ќе се пуваат дека токму тие инсистирале на амнестија, ем амнестија нема да има, за што ќе ги обвинат СДСМ и „предавниците“ од своите редови.
Не им е лоша стратегијата. Може да им заврши некоја работа, на краток рок.
А и ние, искрено, нема нешто да паднеме во севдах заради пропаднатата амнестија…
Извор: Цивил медиа