Рокот за барање амнестија за настаните поврзани со 27 април истекува денеска, а во Кривичниот суд сѐ уште нема конечна одлука кој конкретно во судот треба да одлучува за амнестијата. Дали Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 или судечкиот совет кој го води конкретниот случај.
Како што најави претседателот на судот, Иван Џолев, до крајот на денот ќе се пресече околу оваа дилема.
Тој вели дека судиите се внимателни околу ова прашање, а неговиот став е дека за предметите за кои веќе има одлука пред првостепениот суд, како што е на пример случајот за обидот за убиство на Зијадин Села каде со првостепена пресуда осудени се седум лица, решението треба да го донесе Кривичниот совет. Во случаите кои се тековни, како тој за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, пак, смета претседателот, одлуката треба да ја донесе судечкиот совет кој го води предметот или во конкретниот случај петчлениот совет на чело со судијката Добрила Кацарска. Ставот Џолев го појаснува со тоа дека на таков начин Кривичниот совет нема да му се меша на судечкиот совет во предметот оносно во носењето на мериторната одлука, како и тоа што дополнително тој совет е упатен во тоа за кои дејствија се товарат обвинетите затоа што во законот описно е наведено кој не треба да добие амнестија.
Сепак, меѓу судиите во Кривичниот суд постојан различни размислувања и дилеми, а во насока на тоа и информацијата дека барањата за амнестија кои ги поднеле обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста Кривичниот совет во скопска единица ги испратил до судечкиот совет на чело со Кацарска, а оттаму пак му ги вратиле на Кривичниот совет.
Конечениот збор за амнестијата може да го каже и Апелација бидејќи ако на некој му се одбие барањето за амнестија, тој ќе има право на жалба до второстепениот суд. Обвинителството, пак, според законот за амнестија, нема право да се жали ако некој биде амнестиран.
Инаку кога станува збор за статистичките податоци, досега во судот регистрирани се вкупно 57 барања за амнестија од вкупно опфатени околу 70 лица. Од тие 57, 27 поднеле обвинетите во случајот со терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Повеќе детали за барањата, прочитајте ТУКА.
Кога ќе бидат соберени сите барања за амнестија, ќе бидат испратени во обвинителството на мислење. А, откако ќе се добие мислењето,судот ќе има рок од пет дена да донесе решение кој ќе добие, а кој не амнестија.