Амнезијата на Мицкота

Како постар, сакам малку да те посоветувам. Пази брат што зборуваш. Немој брат да ја обвинуваш новата власт за руинирање на образованието за време од година е черек владеење. Срамота е брате. Претеруваш.

3147

Читам дека нашиот Мицко, по објавувањето на резултатите од рангирањето на универзитетите на Шангајскaта листа, во видео порака, ја обвинил власта дека го руинирала образованието. Покрај тоа Мицко додал дека ваквата состојба во образованието е резултат на негрижата и немањето стратегија во високото образование, немотивираноста на наставниот кадар, експериментирањето и политизацијата на образованието.

Како човек кој што без малку 30 години е во високото образование, слободно ќе кажам дека Мице е во право по прашањето за состојбите во високото образование кои тој ги наведува. Но кутричкиот, зборува како да дошол од Марс или, не дај боже, како да добил тешка амнезија во помнењето. Да е паднат од Марс не би рекол. И тој е некаков професор, и тоа универзитетски. Често љуби да го истакнува својот универзитетски професорлук. Посебно тоа го прави во дискусиите со неговиот главен политички опонент, актуелниов премиер. Се прави важен човекот.

Како професор тој сигурно треба да знае што се случуваше во високото образование во годините наназад. Причината за таквото бладање на Мицкота сепак ќе да е амнезијата од шокот поради судбината што го снајде него и неговите газди по неочекуваните дебакли на изборите (парламентарните и локалните) на кои очекуваа сигурна победа. Амнезијата е тежок задес. Тоа го знаеме сите. Посебно е тежок за човек на власт и со голема моќ кој добил шок по изборен дебакл. Таков човек тешко може да се врати во реалноста. Особено тешко ќе може да се врати со газди кои не му го дозволуваат тоа. Кутриот Мицко.

Мицко, брате, млад колега, професор си. Прибери се малку. Не трескај што не е за трескање. Срамота е човече. Оваа власт, владее една година и черек. Пред тоа на власт единаесет години беше твоето ДПМНЕ. Власва, оваа актуелнава, дојде и веднаш направи Стратегија за високото образование. Потоа ја имплементира во Закон. Тој закон практично сѐ уште не се применува, затоа што по неговото донесување требаше да се донесе подзаконска нормативна регулатива. Потоа, универзитетите и факултетите во нив требаше да донесат нови статути и подстатутарни акти, што со ударничка работа на наставниот кадар е направено и тоа непосредно пред летниот распуст, дури и за време на неговото траење, за да може новата академска година да стартува по новиот закон.

Што направи бре Мице твоето ДПМНЕ. Во 2008 година донесе Закон за високото образование. Тој закон Мицко ти и твоите го менувавте 21 пат. Се случуваше неколкупати годишно да се менува и дополнува. Само во 2015 година претрпе пет измени и дополнувања. За каква стратегија зборуваш бе златен кога Законот до крајот на вашето владеење, во просек три пати годишно е менуван. Од силни измени и дополнувања не знаевме кои одредби се во сила, а кои не се. Дури ни Просветната инспекција не знаеше, а камо ли ние, обични професорски смртници, декани, продекани, ректори и проректори. Зарем тоа не е хаос бре Мице? Аман бре човече. Зарем тоа не е доказ за експериментирање?

Друго Мицко, со дисперзијата на високото образование отворивте факултети во секој град и гратче на државичкава. Ги сместивте во несоодветни објекти и простории. Кутрите студенти студираа во поранешни касарни, домови на поранешната југословенска солдатеска, напуштени згради на основни училишта каде седеа на столчиња на кои претходно седеле дечиња од прво до четврто одделение, напуштени и полуруинирани кина и киносали, домови на културата и каде уште не. Ние професорите трчавме од град во град за да стигнеме да ги одржиме предавањата. Наместо да им бидеме секогаш на располагање на студентите, тие нѐ гледаа еднаш во текот на неделата, а за време на испитните сесии често и ниеднаш.

Трето Мицко, брат, не одвојувавте пари за прием на асистентски подмладок. Нѐ оставивте без асистенти, па моравме да изигруваме и асистенти.

Потоа брат, ни ги урнисавте платите. Од 1973 година кога за прв пат влегов во образованието (за моја среќа во она военото со повремени визитинг ангажмани и во цивилното) професорските плати на биле толку ниски како што беа за време на владеењето на ДПМНЕ-то. За каква мотивираност на наставниот кадар зборуваш бре Мице, кога просечната плата на наставниците и соработниците во високото образование изнесуваше околу 500 евра. Хигиенчарки во вашите јавни претпријатија Мицко бре, душо бре, имаа такви плати. За визитинг професорите да не кажувам. Тие ги добиваа заслужениот хонорар и патните трошоци за талкањето по градовите и гратчињата на државчево по две години чекање, а можеше да се случи и да не ги добијат, како што ми се случи мене и на еден моја колега (веројатно поради тоа што ректорот на вашиот омилен универзитет, оној источномакедонскиот и неговите пајташи од ректорската управа откриле дека не сме политички подобни).

Понатаму Мицко, енормно малку одвојувавте пари за наука, па ние професорите и малкубројните ни асистенти сами си ги плаќавме трошоците за научни конференции и за објавување на трудови во списанија. Се пишувавме повеќе автори на еден труд за да ги делиме трошоците за котизација. Пуста сиромаштија. Се сеќавам како една година твојот газда нѐ испокара, нѐ изнавреди, нѐ направи мрзливи, неспособни, со образложение дека не сме работеле на науката, дека нѐ немало на конференции во западните земји. Сме ти оделе само до Врање. Со кои пари бре Мице. Туку да знаете ти и твојот газда дека ние сепак одевме, многу подалеку од Врање. Одевме во Виена, Женава, Прага, Истанбул и тн.. За преку океанот, во Америка (Вашингтон, Орландо, Монтреал, Квебек и тн.) немавме пари, па не се одзивавме на поканите. Објавувавме и трудови во реномириани списанија. Одвојувавме од устите на нашите деца. Знаеш и самиот, моравме. Нема унапредување во повисоко звање, без доволен број објавени трудови.

Четврто Мицко. Ја напаѓаш актуелнава власт за политизација во високото образование. Мице, брат, високото образование никогаш не било толку политизирано како во ваше време. Тоа го почувствував на своја кожа а го почувствуваа и моите пријатели декани кои во недостиг на кадар се дрзнаа да ме ангажираат мене како визитинг професор. Но да не зборувам за мене, туку да те прашам Мицко дали знаеш дека на Правниот факултет на еден од државните универзитети, визитинг професор во звање редовен професор, инаку истакнат цивилист, кој магистрирал и докторирал на белградскиот универзитет за држење настава по предметот Римско право, кој патем речено, е еден од потешките предмети од областа на цивилистиката, беше заменет со млад доцент, ваш човек, кој немаше завршено правен факултет, туку воена академија и магистратура и докторат од областа на меѓународното јавно право. Причината за тоа беше тоа што овој првиов, белградскиов „ѓак“, понекогаш знаеше да ја поткритикува власта, онаа вашата. Се сеќаваш бре колега, драг, кога вашиот главен кадровик Гоца, рече дека не сака да ја гледа на продеканското место на Факултетот за безбедност во Скопје нашата колешка Ременски додавајќи дека магаре може да биде продекан, само таа да не биде. Се сеќаваш ли брат дека на вашиот омилен универзитет (источномакедонскиот) имаше и случај на неизбирање на политички неподобни професори во звање, што автоматски повлекува престанок на работниот однос.

Во врска со политизацијава да те потсетам брат и на вашиот однос кон приватните универзитети. Оние чии газди беа ваши симпатизери и миленици ги милувавте, ги мазевте, им помагавте, високо ги рангиравте, а оној Фијата, кој користејќи го правото на слобода на определување ви го сврте грбот, за малку ќе го удавевте. Да не ве избркавме од власта, досега кутриот ќе беше готов.

А бре Мицко, Мицко, со кои очи ни зборуваш за политизација во високото образование, со кои очи ни зборуваш за негово руинирање, за немање стратегија. Со кои очи ја критикуваш новата власт за руинирањето што го направи власта на твоето ДПМНЕ. Чекај бре Мице, да видиме. Нека помине време, па ако треба ќе ја критикуваме. За сега не гледам дека нешто руинирала, дека нема стратегија, дека нешто упропастила во високото образование. Напротив, поучена од вашата руинирачка пракса се обидува да го исправи руинираното. Впрочем и да сакаше да руинира не ќе можеше за една и черек година да руинира толку колку што ти и твоите газди руиниравте за единаесет години.

Имам уште многу да ти кажувам Мицко за вашето руинирање на високото образование. Имам петто, шесто, седмо и тн. да кажам. Но сепак да завршам. Текстов ќе биде предолг. Доста е и ова. Мислам дека те вратив во реалноста, или барем ти помогнав да се вратиш во неа.

На крајот, како постар, сакам малку да те посоветувам. Пази брат што зборуваш. Немој брат да ја обвинуваш новата власт за руинирање на образованието за време од година е черек владеење. Срамота е брате. Претеруваш. Не само за образованието, туку и за другите работи што ги руинира вашата власт ја обвинуваш актуелнава. Пази брате. Немој да нѐ навредуваш нас граѓаните. Ние сме паметни. Мислиме. Имаме одлично памтење. Немој да мислиш дека сме идиоти. Толку од мене брат. Биди ми жив и здрав. Ај чао.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...