Американски сенатори се заканија со суспензија на Турција од НАТО доколку ги нападне Курдите

515

Американскиот Сенат ќе бара да се санкционира Турција, па дури и да ја суспендира земјата од НАТО ако ја нападне североисточна Сирија и тамошните курдски сили, изјави денеска сенаторoт Линзи Греам, кој, како и претседателот Доналд Трамп, е од Републиканската партија.

– Ќе воведеме двопартиски санкции против Турција ако тие ја нападнат Сирија и ќе повикаме на нивно суспендирање од НАТО ако ги нападнат курдските сили кои им помогнаа на САД во уништувањето на калифатот на т.н. Исламска држава – порача Греам преку Твитер.

Греам, кој важи за гласен поддржувач на Трамп, изјави дека соработува со демократскиот сенатор Крис Ван Холен на законот и се надева на големо мнозинство во Горниот дом за изгласување вето.

– Конгресот мора да стави до знаење дека Турција ќе плати висока цена ако ги нападне сириските Курди –  рече Ван Холен, осудувајќи ја „одлуката на Трамп да ги предаде“ Курдите.

Републиканскиот сенатор Мит Ромни предупреди дека одлуката ќе се смета за „предавство“ на Курдите, која ќе ги претстави САД како „несигурен сојузник“.

Членови на обете партии го критикуваа претседателот околу неговата одлука да и дозволи на Турција да влезе во северна Сирија и да ги нападне курдските сили предводени од Вашингтон во борбата против терористичката Исламска држава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...