Американска автомобилска компанија ќе отвори фабрика во Македонија

1528

Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони потпиша Договор за долготраен закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со компанијата „AIM property“ што ќе гради објект за потребите на американската компанија од автомобилската индустрија „DURA Automotive Systems“ која ќе биде корисник на слободната зона.

„DURA Automotive Systems“ е глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот. Компанијата донесе одлука да го го прошири своето производство со отворање на своја фабрика во Македонија која ќе се простира на површина од околу од 16.000 метри квадратни, а според најавите на компанијата во летото 2019 година се очекува и нејзиното отпочнување со работа.

– Кога ќе биде целосно екипирана, новата фабрика ќе вработува околу 500 лица, објасни Дејв Петиз, извршен потпретседател за човечки ресурси во компанијата.

Тоа, додаде, и овозможува на „DURA Automotive Systems“ да регрутира кандидати кои ќе имаат можност да ги прошират своите вештини и да ги реализираат своите интереси во рамките на нашата компанија и да бидат дел од нашата глобална организација.

– Ќе бараме посветени индивидуалци ориентирани кон резултати да се приклучат на нашиот тим во Македонија, потенцира Пети.

Иницијалното производство во Македонија ќе вклучува екстериерни алуминиумски лајсни и покривни носачи за европските производители на автомобили. Потенцијалното проширување би вклучило прототипско производство, дизајнирање и производство на алати и екструзија на алуминиум.

Новата фабрика на „DURA Automotive Systems“ во Македонија ќе биде нивна 37-ма локација во светот и 16-та локација во Европа.

– Оваа нова локација е неопходна за поддршка на нашиот раст во Европа. Ние го дизајниравме објектот со висок степен на вертикална интеграција, со инкорпорирање на најсовремената технологија за производство на алуминиумски системи со исклучително високо ниво на крајна обработка, изјави Тајрон Џордан, претседател и главен оперативен директор на „DURA Automotive Systems“.

Потпретседател на „DURA Automotive Systems“ за Европа Мајк Бекет истакна дека регионот има технички способна работна сила, добра инфраструктура и силна поддршка за странски инвестиции.

– Извонредната соработка што ја добивме од Владата на Република Македонија му овозможи на нашиот оперативен тим многу ефикасно да работи на овој проект и да го финализира ова стратешко дополнување на мрежата на операции на нашата компанија, рече Бекет.

Американската компанија „DURA Automotive Systems“ со седиште во Мичиген е основана во 1914 година и вработува повеќе од 9.400 лица во 14 земји ширум светот. „DURA Automotive Systems“ дизајнира и произведува иновативни високо интегрирани автомобилски компоненти за водечки производители на возила во Америка, Азија и Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...