Амбасадата на САД му ја честита победата на Стево Пендаровски за претседател на Република Северна Македонија и очекува заедничка соработка со него, со Владата и сите политички партии на патот на земјата кон идно членство во НАТО и ЕУ.
„Амбасадата на САД им честита на граѓаните на Северна Македонија кои го искористија нивното гласачко право на овогодинешните претседателски избори. Му честитаме на Стево Пендаровски за неговата победа на изборите и очекуваме да работиме заедно со него и со владата и сите политички партии на патот на земјата кон идно членство во НАТО и ЕУ.
Го поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите биле компетитивни и дека преку почитување на фундаменталните слободи се овозможил демократски процес. Заклучоците се совпаѓаат и со заклучокот на тимовите на Амбасадата на САД, кои ги набљудуваа двата изборни круга. Доколку има забелешки за какво било нерегуларности, ги охрабруваме граѓаните, претставниците на граѓанските организации, медиумите, без разлика на политичката припадност, да ги пријават“, се наведува во соопштението од Амбасадата на САД.
Џереми Хант, министерот на надворешни работи на Велика Британија на Твитер упати честитки за изборот на Стево Пендаровски за претседател на Северна Македонија.
„Честитки за Стево Пендаровски, новиот претседател на Северна Македонија! Вашата земја имаше историска година и со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме врските меѓу Велика Британија и Северна Македонија. Истовремено, ја поддржуваме вашата земја во нејзините напори да стане членка на ЕУ и НАТО“, напиша Хант.