Народот беше централна категорија во злосторничката идеологија на вмро-дпмне. Доволно аморфна за да се спротивстави на строгоста на институционалниот поредок и да го разори. Доволно моќна како претстава и како материјална сила за да ја остави зад себе културата како што стадото гнуови го остава растителниот свет во саваната низ која ќе помине.
Доволно глупава за да го дезелитизира јавниот дискурс и да ја истакне неписменоста, просташтвото и глупантропството, како највисока доблест. Доволно моќна за да и го убие на нацијата критериумот за убавото и за доброто, за правото и неправото, за злото и општото добро. И на тој начин да ја деконструира државата со сите нејзини, материјални, природни, финансиски и други ресурси и да ја сведе на територија под контрола на вмро-дпмне.
Тоа беше груевизмот.
Кога народот сфати дека го нема во радикалната прераспределба на националното богатство, дека фамилијата зема се не само од комуњарите туку и од него и од перспективите на неговите деца, тој им рече на комитите, океј, доста беше, фала лепо, пријатно и ги собори од власт. Таа тешка разделба продолжи и по политичкиот пораз и деновиве го достигнува својот најплачлив израз.
Тоа, имено, што вмро-дпмне и поединците и структурите кои се повикуваат на партијата, прават најневеројатни егзибиции и свињарии, дури и обиди за државни удари, за да се спречи вољата на народот, прво преку блокади на легитимната власт и, еве, сега и со настојувања да се спречи референдумот за договорот со Грција, е многу убедлив доказ дека таа злосторничка инсталација не е само политички и изборно поразена, туку дека е доведена во фаза на тотална идејна конфузија. Останаа без супстанца, како полнети пајки се по ѕидовите на ловџиите, како Индијанци без територија и бизони, сами во својот резерват од барок, како наркомани без хероини, како пијандури што уште седат во бифето на железничката станица Зелениково, додека возот на историјата јури кон Брисел.
Ја карикираат дури и идејата да служат како одбрана на претходната злосторничка врхушка, затоа што инсистирањето на тој момент, неговата примарност, ги исфрла од политичката игра во која консолидацијата на државата и на институционалниот поредок и евроатлантските интеграции, се главна тема. Или ги маргинализира, а колку повеќе ги маргинализира, нивната моќ да влијаат врз правната судбина на бившиот лидер и на неговата злосторничка екипа е се помала.
Груевски работи против себе, а Мицковски не знае дека е тоа така.
Не знам дали не ја разбраа големината на договорот со Грција или вака инфантилно се однесуваат, имено, затоа што ја разбраа многу добро. Тој историски документ не го решава само спорот за името туку ја воздигнува Македонија во нова геополитичка, економска и финансиска и, што е особено важно, во нова културна димензија, ние исчекоруваме, се качуваме на велосипеди и трчаме, додека во триатлонската трка тие одбираат да останат во водата, односно се самодисквалификуваат.
Влезени се во една самоубиствена спирала од која нема излез.
Има уште нешто: конструкцијата на теми околу кои ќе се експлоатира идејата за предавниците и патриотите е толку изабена во изминативе тринаесет години што делуваше смешно уште кога народот се палеше околу тиранската платформа и потоа околу договорот со Бугарија, така што истите тези во врска со договорот со Грција делуваат како манифестација на забегани, скренати од умот поединци.
Жалосна ментална структура на која пред Собранието, професори и професорки, само им ја нагласуваа здравствената проблематичност.
Конечно, светската афирмација на политиките на новата власт и на нивните резултати, ја оставаат политиката на популизмот и на национализмот како изџвакана и исплукана мастика. Македонија повторно се враќа како пример во решавањето и на внатрешните конфликти и на своите соседски и други проблеми.
Разликите се огромни.
Разликата меѓу Македонецот во НАТО и Македонецот во ВМРО е како разликата меѓу црешовото топче и топовите на “ХМС Данкан”, како разликата меѓу Македонецот во Сити мол и Македонецот на дрво, меѓу менаџерот и макаки мајмунот, меѓу Мицковски и Тесла, меѓу Овче Поле и Манчестер јунајтед, меѓу Шарлиз Терон и Тања Кара Ками Шева, меѓу грчевите на Солза и насмевките на Ингрид Бергман, меѓу животот и смртта, меѓу да се биде и да не се биде, овие од НАТО се Венецијанската комисија која овие од ВМРО ја прашуваат дали Договорот со Грција е нормален или вмроните се немормални, при што, одговорот ќе биде дека договорот е океј а дека за вмороните немаат надлежност да се изјаснуваат, приватно можат да кажат дека станува збор за неизлечиви идиоти!
На дневен ред сме во НАТО!
Дали разбираме што тоа значи!?
Макаките јадат зелени банани и го чувствуваат тоа како најголема загроза.
Со право.
И затоа стигнуваат честитки до владата и до премиерот, честитки до сите граѓани, честитки до НАТО и до меѓународната заедница.
И ја прават неверојатна разликата со позициите на таканаречениот претседател и на вмро-дпмне.
Како меѓу Нобеловата награда за мир и првата награда на пастрмајлијадата во Свети Николе.
Сакам да кажам дека Хорхе може да си ги отсече и двете раце, може да и зготви од нив фина пача на Маја или да га закове над вратата во претседателската канцеларија, како Келт, како знак на својата решеност да не го потпишува договорот со Грција, Мицковски може да продолжи да се циркузура со тезата за капутулантскиот карактер на договорот, но тие дискурски се пластични кеси на глупоста со кои можат да се самоубијат.
Јас немам ништо против.
Ова не е битка за тоа дали договорот со Грција ќе помине.
Тој е веќе поминат.
Амди е во право: референдумот ќе помине со 75.89 отсто!
Ова е битка за новата конституција на Македонија во која вмро ќе биде страшило за децата што имаат кецови, во која Хорхе ќе биде брачна закана за девојките што се преслободни во своето девојчество, во која Ристо Никовски ќе биде знак за општа опасност, Солза Грчева ќе биде препорака за аспирини и дијазепами, а Биљана Ванковска ќе биде во капмањите на ветереинарната инспекција за расипано кокошкино месо. Но, да ги оставиме настрана негативностите: Новата конституција е нова пред се според придобивките на страната на правдата, културата, уреденоста, институционалноста, светскоста. Тоа е.
(Колумна во „Слободен печат”)