Дел од делегацијата на Северноатлантскиот совет ја посетија касарната „Илинден“ каде беше презентирана Лесната пешадиска чета, а беше реализирана и показна вежба.
Пред дванаесетте амбасадори и шефови на делегации беа претставени капацитетите на Лесната пешадиска чета. Оваа чета го претставува фокусот на понатамошниот развој на основната единица со која нашата држава ќе учествува со свој придонес во базенот на сили во НАТО, а тоа е лесната пешадиска борбена група.
„Оваа чета потекнува од Ренџерскиот баталјон и е целосно обучена за изведување на пешадиски операции“, соопшти владината прес-служба.
Припадници на четата ја изведоа методско-показната вежба „Поддршка на пријателска патрола од сили за брза реакција“, со тактики, техники и процедури според стандардите на НАТО.
„Способностите и капацитетите кои беа прикажани се уште еден доказ дека Армијата е интероперабилна со силите на НАТО и дека државата има капацитети, знаење и вештини да биде активен сојузник во Алијансата“, наведува владината прес-служба.