Амбасадори ни го чистеа ѓубрето на кејот на Вардар ГАЛЕРИЈА

Во акцијата за чистеше учествуваа амбасадорите на Кралството Холандија - Ваутер Плом, на Велика Британија - Чарлс Герет и на САД - Џес Бејли, како и видепремиерот Бујар Османи.

1032

Под мотото „Зачисти, па твитни“ денеска беше спроведена акија за чистење на кејот на реката Вардар во Скопје, организирана од Пивара Скопје, Пакомак и Амбасадата на Кралството Холандија.

Во акцијата, покрај холандскиот амбасадор, Ваутер Плом, во акцијата за зачистување учествуваа и британскиот и американскиот амбасадор, Чарлс Герет и Џес Бејли. Чистеше и вицепремиерот Бујар Османи.

Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат Пивара Скопје, Пакомак и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на „Денот на Кралот“ – националниот празник на Холандија.

– Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем – истакна холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.

Османи, пак, на Фејсбук напиша дека сме на добар пат кон ЕУ и крајно време е да почнеме малку повеќе да се грижиме за нашата средина.

„Иницијатива која ја гледам повеќе како поттик за повеќе вакви акции, како и други активности, со кои ќе влијаеме на нашата свест дека нашата средина, нашата околина е наша обврска. Човек ќе се подготвува за матура, за роденден, свадба, па ќе се потшиша, ќе се дотера, ќе подзачисти, за тоа како да имаме вградено личен срам, ама како да ни недостасува малку одговорност и срам кога се движиме во валкана средина, како таа да не е наша обврска, како да не е наша одговорност. Ние сме на добар пат да влеземе во ЕУ, и крајно време е да почнеме малку повеќе да се грижиме за чистотата на нашата средина“, напиша Османи на Фејсбук.

– Заштитата и унапредувањето на животната средина е меѓу најзначајните области на кои сме посветени како компанија, но и како поединци кои на волонтерска основа одвојуваат дел од своето работно време за да дадат свој придонес во успехот на ваквите еко-акции – изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје.

За своите досегашни заложби за одржливост и евидентните резултати во заштита на животната средина, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca-Cola HBC групацијата, четири години последователно  е рангирана на првото место во индустријата за пијалаци во светот, според престижното глобално рангирање кое го прави „Дау Џонс индекси за одржливост“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...