Амбасадорите на Кина и Словенија го посетија Пендаровски

87

Меѓу првите средби на новиот претседател, Стево Пендаровски, се со амбасадорот на Словенија, Милан Јазбек и амбасадорката на Кина, Јин Лисјен, соопштија денеска од неговиот кабинет.

„На средбата со амбасадорот Милан Јазбек беа разменети мислења за актуелните политички прашања во регионот, при што беше констатирано дека напредокот на земјава во ЕУ и НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе стане членка на НАТО и ќе ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ и се заблагодари за сета досегашна поддршка од Словенија на планот на евроатлантските интеграции“, наведуваат во соопштението.

На средбата со кинеската амбасадорка, пак, Пендаровски истакнал дека јакнењето на искреното партнерство со Кина останува трајна определба на нашата надворешна политика и изразил поддршка на сите конкретни иницијативи што произлегуваат од процесот на соработка меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа 16+1.

„Во таа насока, претседателот изрази интерес Република Северна Македонија да биде вклучена и во инфраструктурните проекти кои произлегуваат од „Патот на свилата“, што отвора сериозна перспектива за нови инвестиции и јакнење на економијата на нашата земја“, наведуваат од кабинетот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...