Премиерот Зоран Заев денеска ќе се обрати на втората од петте јавни дискусии за уставните измени, која ќе се одржи на Универзитетот ФОН. Говорници ќе бидат и ректорот на Универзитетот Нано Ружин и универзитетскиот професор Темелко Ристовски, додека дискусијата ќе ја отвори и води деканката на Правниот факултет, Сејдефа Џафче.
Во нацрт-амандманите, како што потсети синоќа Заев, се вградени предлози на осумтемина пратеници. На првата јавна дебата за четирите нацрт-уставни амандмани во Владата на Република Македонија вчера беа презентирани повеќе предлози и забелешки од страна на експертите од научната јавност и невладиниот сектор.
Премиерот Зоран Заев истакна дека постои отвореност и позитивни размислувања за прифаќање на одредени предлози изнесени на собраниската Комисија и на пленараната седница. Toj повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО.
– Ние треба да побараме како Република Северна Македонија од грчката страна ратификација на протоколот од НАТО оти така е опишано во самиот договор, а во суштина ние ќе бидеме Република Северна Македонија за меѓународна употреба откако Грција ќе го ратификува и Договорот и Протоколот од НАТО – објасни Заев.
Грција мора, истакна тој, во ист ден или паралелно да ги ратификува конечната Спогодба за решавање на спорот со името и протоколот за нашето членство во НАТО.
– Ова е дополнителна заштита за нас. Секако, доколку Грција не ги исполни своите обврски тогаш нема да важат измените на Уставот односно нема да стапат на сила и автоматски ќе се поништат – рече Заев.
Според Заев сѐ повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, но треба да им се објасни што после промената на името.
Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека амандманите не ја загрозуваат граѓанската основа на државата, дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања и дека притоа некои делови се зајакнуваат дури и кога се споменуваат други етнички заедници, како и дека решенијата се во рамки на уставно-правните стандарди.
– Ако се остави зборот Македонија во членот 36, тоа има консеквенци – рече професорот додавајќи дека можеби треба да се размисли за терминот национално ослободителни војни за независна македонска држава.
Во однос на Преамбулата, според Фрчкоски, дилемата останува дали да остане само да се наведе Прогласот, бидејќи тој на некој начин го опфаќа Манифестот, или да се оди на конкретно набројување на документите, што би било екстензивно, но можеби треба да се расправа.
– Но не може да се реферира во Преамбулата на Уставот од 1991 година. За прашањето како ќе биде ставен Охридскиот рамковен договор, не е спорно дека тој конститутивно го менува политичкиот систем и го зацврстува, тој треба да биде ставен, но како? – прашува професорот.
Според него, треба да се раздвои реченицата на историските конститутивни акти, и временски се случува по Уставот од 1991 година.
Фрчкоски во однос на амандманот 36 предложи првиот став да гласи: Републиката да го штити и гарантира идентитетот и негува историското и културното наследство на македонскиот народ. Во третиот став да стои: Републиката се грижи за дијаспората… Се знае, вели тој, што е дијаспора.
Професорот Владо Поповски изнесе свој предлог на Преамбулата на Уставот.
– Мислам дека треба да се задржи од претходната пристапот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ“ бидејќи на таа основа укажуваме на еден битен факт дека граѓаните на Република Македонија, поединечно како историски субјект не се националниот државотворен субјект на македонската држава, туку тие граѓани секогаш се јавуваат здружено преку одредени организации водства и се јавуваат како колективен субјекти кој се бори за своја држава – рече Поповски.
Тој во целост го презентираше својот предлог (амандман 33): Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои се дел албанскиот народ, турскиот народ, српскиот народ, влашкиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на заедничката татковина, еднакви во своите права и одговорни според идните генерации во согласност со традициите на Крушевскиот манифест и Крушевската Република и со решенијата на АСНОМ за негово прогласување за врховно, законодвано, извршно, народно, претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија…
На дебатата учествуваат пратеници, претставници на научната јавност, граѓански организации, новинари… Произлегоа дилеми во однос на прашањата дали треба да стои дијаспора или не, дали и Преспанскиот договор треба да стои во измените или, пак, дури и на Охридскиот рамковен договор да му се најде друго место во Уставот…Беа изнесени забелешки за членот 36, кој според професорот Гордан Калајџиев непотребно може да создаде правна конфузија. Професорот Блерим Река укажа дека е потребно да се затворат овие процеси поради политичките процеси и изборите во Грција следната година. Според, Ѓорги Спасов со јавната дебата треба да се растера стравот кај граѓаните и тие да се убедат дека имаме добар договор и дека амандманите не се ништо друго туку она што е договорено со Грција.
Третата дебата ќе се одржи во петок во МАНУ, а во понеделник се закажани уште две дебати во Штип и во Тетово.
Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната дискусија и со одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. На последната пленарна седница амандмани на нацрт-амандманите имаат право да поднесуваат и пратениците.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
loading...