Истекува петнаесетдневниот рок на Владата за доставување на нацрт амандманите на Уставот до Собранието. На 19 октомври Собранието со двотретинско мнозинство донесе одлука за пристапување кон уставни измени, во согласност со Договорот од Преспа. За одлуката гласаа и осуммина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои подоцна формираа независна пратеничка група и со кои премиерот Зоран Заев имаше консултации поврзани со уставните измени врз основа на нивните барања.
На вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ беше договорено Владата до доцна вечерта во текст да го преточи тоа што е усно договорено за уставните амандмани на средбата во Собранието на Република Македонија. Потоа текстот треба да им биде доставен на осумтемина пратеници на консултации и по објавувањето на договореното во јавноста од нивна страна во текот на денешниот ден Владата на седница да ги утврди нацрт-амандманите за измена на Уставот согласно Договорот од Преспа. На средбата не е прецизирано дали четирите предложени амандмани од пратеничката група ќе бидат инкорпорирани во нацрт-амандманите што ќе ги достави Владата до Собранието, или ќе бидат поднесени како амандмани на амандманите.
– На првата консултација беа дадени насоките, денеска зборувавме за суштината и мислам дека ги заокруживме. Останува, сега веднаш после оваа изјава, наше повлекување во Владата да го скицираме целиот текст на нацрт-амандманите којшто преточен во текст ќе биде уште еднаш испратен на консултации и верувам до крајот на денот потврден од новата пратеничка група сѐ со цел утре Владата на РМ на владина седница да ги утврди нацрт-амандманите – изјави вчера премиерот Заев по средбата.
Тој објасни дека еден дел ќе биде вграден во Уставниот законик, еден дел во самиот проглас на уставните амандмани којшто е акт за прогласување на уставните амандмани.
– Сега останува да го преточиме тоа во зборови оти досега дискутиравме само, скициравме со пенкало и слично, сега да го преточиме во еден текст, да го видат конечно тој текст и да дадат конечна потврда дека е тоа така. Јас верувам дека нивната верба која што ги водеше да се одважат, охрабрат и гласаат е со причина и денеска ја видов суштината на таа причина. Мене ми е многу драго што токму таа причина и нивно вградување во самите уставни амандмани разобличува уште една дилема која што постоеше цело време и во текот на кампањата за референдумот, пред кампањата, после потпишувањето на договорот, а тоа е дека го потврдуваме македонскиот идентитет – рече Заев.
Со предложените нацрт-амандмани секој пратеник во Собранието има можност да додаде амандман на самите амандмани како што се додаваат амандмани на закони. Не може нови амандмани, но може да се додадат амандмани на нацрт-амандманите од страна на Владата.
Премиерот не можеше да прецизира дали Владата ќе излезе со само четири амандмани на Уставот или ќе бидат повеќе.
Министерката за правда Рената Дескоска вчера во Охрид изјави дека во нормативниот текст на уставните промени ќе биде ставена гаранција на идентитетот на македонскиот народ, односно трите основи што го детерминираат идентитетот, а тоа се културата, историското наследство и јазикот.
– Владата има рок до утре да ги достави на нацрт-амандманите до Собранието за уставните измени. Спроведни се консултации со осумте пратеници од опозицијатга кои ги поддржаа уставните измени, беше договорено внесување одредба што ќе го гарантира идентитетот на македонскиот народ. Наша сугестија за која постигнавме заеднички договор беше тоа да биде во рамки на нормативниот текст, каде во еден од членовите кои ќе се менуваат ќе биде ставена гаранција на идентитетот на македонскиот народ. Тоа ќе биде формулација што се однесува на културата, историското наследство и јазикот. Ние веќе имаме одредба која се однесува на јазикот, значи ќе биде ставена одредба што ќе гарантира заштита и развивање на културното наследство и историјата на македонскиот народ – рече Дескоска.
За измените во делот на премабулата на Уставот, таа истакна дека преку разговори со Република Грција се работи на конкретизирање на актите од АСНОМ, поточно делот од Манифестот каде се повикува на национална борба во соседни држави, во тој аспект воведувањето на Прогласот до македонскиот народ за одлуките на АСНОМ.
– Премиерот предупреди дека нема потреба од отворање Пандорина кутија, оттаму што секогаш може да се оди повеќе со измени на Уставот. Сите сме свесни дека има многу прашања што во Уставот се недоволно регулирани. На пример, гледате дека имаме проблем со ветото на претседателот, тоа не е прецизирано, ниту што со непотпишувањето на неговите акти. Имаме препорака од ГРЕКО која укажува дека во Уставот треба да измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет. Значи правиме сериозни анализи за сите работи што сме ги мапирале како проблем – рече Дескоска.
Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измени на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.