Во Минхен, Германија, почна судењето против германската државјанка Џенифер В. (27), која во 2014 година се приклучила на Исламската држава во Ирак, а освен за припадноста на терористичката организација, се товари и за злосторство против човечноста и учество во убиството на петгодишно девојче од редовите на јазидите.
Обвинителите истакнале дека Џенифер дејствувала како т.н. полиција за морал и неколку месеци вооружена патролирала во окупираните градови Фалуџа и Мосул и ги предупредувала жените кои не биле облечени според исламските обичаи. Според обвинението, таа во 2015 година заедно со сопругот на еден пазар за рабови го купила петгодишното девојче од јазидите кое, заедно со останатите воени заробеници, џихадистите ги продавале во окупираните подрачја.
Подоцна, девојчето, како казна затоа што уринирало во креветот, го врзале на сонце без вода, поради што набрзо умрело.
Меѓу оние кои ја тужат Џенифер В. е и мајката на убиеното девојче која ја застапува британската адвокатка Амал Клуни, специјализирана за случаите на јазидите.
– Јазидските жртви предолго чекаат на можноста да дадат исказ пред судот – рекла Клуни на почетокот на судењето.