Според светската статистика во нашата земја би требало да има околу 20 илјади заболени од Алцхајмерова болест, а само 20 проценти се дијагностицирани и третирани.
Под мотото „Сети се“ со слушање на музика од минатото и гледање на стари филмови денеска на плоштадот „Македонија“ во организација на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука се одбележа 21 Септември – Светскиот ден на Алцхајмеровата болест која се нарекува епидемија на 21 век.
Првата дама, сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска порача дека деменцијата не засега сите нас и започнува тивко и незабележително, а трае долго.
– Бројките се алармантни. Во светот до 2020 година околу 50 милиони луѓе ќе бидат заболени од Алцхајмерова деменција, а ако не се пронајде лек до 2050 година, тој број трикратно ќе се зголеми – изјави Ѓоргиевска.
Нагласи дека нашиот придонес во борбата со неа ги надминува медицинските достигнувања и навлегува во сферата на човековите доблести.
– Колку повеќе ја поттикнуваме кај себе човечноста, разбирањето и информираноста на болеста, толку повеќе влијаеме за создавање хуимани услови за живот и подеднакви услови за сите. Треба да им се помогне на луѓето кои трагаат по сеќавањата и не ги препознаваат своите најблиски. Да ги разбереме и да им помогнеме иднината да им стане посреќна. Можно е да се живее со деменција, но најважна е личноста, а не болеста – изјави Ѓоргиевска.
Габриела Новотни од Институт за Алцхајмерова болест и невронаука, вели дека ова е една од најтажните болести, која ни ги краде сите спомени и сеќавања, со еден збор сето она што во животот ќе го заработиме.
– Потребно е активно да се бориме против митот дека заборавањето е дел од нормалното стареење. Забораваме сите како последица на расеаност, но доколку тоа се повторува и ги попречува нашите секојдневни активности потребно е да се побара помош – истакна Новотни.
Посочи дека како минуваат годините и како расте животниот век, така ризикот за Алцхајмеровата болест е поголем и многу почеста е болеста со доцен почеток, над возраст од 65 години.
– Идејата за организацијата на овој настан е произлезена од реминисцентната терапија. Тоа е терапија со потсетување. Алцхајмеровата болест ги краде спомените кои се последни запаметени. Старите спомени, времињата на нивната младост последни ќе исчезнат, затоа слушањето на музика од нивната младост и гледање на фотографии, буди многу пријатени емоции и се намалува агресивноста – вели Новотни.
Со тоа, посочи таа, се штеди злоупотреба на многу лекови кои се препишуваат за смирување и се подобрува квалитетот на животот преку нефармаколошки третман.