Oколу 20 илјади лица во државава се претпоставува дека имаат Алцхајмерова деменција, a околу 400 илјади луѓе на возраст од 65 години или повеќе може да се сметаат за потенцијални пациенти со ваква дијагноза, истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче, на настанот „Деменција мастер клас“.
Тоа е еден од серијата едукативни состаноци што се одржуваат во земјите на Западен Балкан, за вмрежување и размена на искуства меѓу експерти од регионот и локални професионалци, вклучени во третманот и грижата на лицата со деменција.
Филипче рече и дека лекувањето на овие пациенти се одвива според утврдени стандарди и соодветни протоколи, кои обезбедуваат соодветна грижа и нега. На Клиниката за неврологија има софтверски систем каде меѓу другите невролошки заболувања, се евидентираат и се следат пациентите со деменции, вклучувајќи ги и тие со Алцхајмеровата болест.
Тој посочи дека подигнувањето на свесноста за деменцијата во јавноста е клучно за рана дијагноза, а воедно за справување со предрасудите и стигмата кон оваа категорија лица.
– Деменцијата не претставува само проблем на индивидуата, туку на цела социјална група, на пример на брачната двојка или на семејството, така што справувањето со деменцијата е предизвик на сите засегнати страни. Заштитата и унапредувањето на здравјето на граѓаните во нашата држава е приоритет на Владата и Министерството за здравство. Посебен фокус е ставен кон подобрување на условите за лекување за сите пациенти, а посебно на третманот на постарите лица, имајќи предвид дека е во подем бројот на лица со Алцхајмеровата болест, како најчест и најголем социо-медицински проблем и предизвик, додаде Филипче.
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, рече дека болеста треба рано да се дијагностицира и соодветно да се третира, бидејќи во државава има 20 илјади дијагностицирани. Проценките се дека само 20 отсто од луѓето заболени со оваа болест се дијагностицирани.
– Во иднина треба да се работи и на востановување Национален референтен центар и на линии за поддршка, да се направи соработка со невладините организации, но клучен чекор во тоа е востановување Национална стратегија за борба со Алцхајмеровата деменција, додаде Ѓоргиевска.
Д-р Габриела Новотни од Клиниката за неврологија истакна дека околу пациентот со деменција треба да има тим професионалци составен не само од невролози и психијатри, туку и од психолози и социјални работници, работни и физикални терапевти, сестри, да се организираат патронажни служби кои ќе ги посетуваат во домот, да се отворат дневни центри…