По одлуката на Европската Унија да не даде датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, со тоа упатувајќи порака дека вратите за европска интеграција на земјата се затвораат, Централното претседателство на Алтернатива констатира дека за нас згаснува еден повод поради кој ние станавме дел од оваа влада. Да напоменеме дека ние станавме дел од мнозинството и на извршната власт токму поради евро-атлантската интеграција, рече Африм Гаши, претседател на Алтернатива.
– Во време кога членството во НАТО е евидентно, за што ние сме дале неприкосновен придонес, се исполнува нашата цел. Алтернатива стана модел за добро владеење, некорумпирано и транспарентно, кое не е видено досега на политичката сцена. Но, фактот што другата врата на интеграцијата – таа на ЕУ – е пред сериозна пречка, ние сметаме дека ова е доволен повод земјата да оди на неопходни предвремени избори – рече Гаши.
Тој додаде дека партијата останува посветени во градењето на правна и развиена европска држава.
– Алтернатива бара што побргу да се прогласат предвремени избори, кои ќе го потврдат ставот на граѓаните за своите посакувани претставници. Поаѓајќи од тоа, планираме што побргу да го повикаме Централното собрание на партијата за да донесеме конечна одлука во однос на нашиот иден став и нашата идна позиција. Секако пред тоа бараме да се редефинира Изборниот законик и да се прочисти Избирачкиот список – вели Гаши.