Ало? Претплатникот не е достапен, јавете се во МВР… Тииит!

Нема што нема во Избирачкиот список, а има и што нема. Фантоми се селат од една на друга адреса, исчезнуваат, па се враќаат, починати лица кои понекогаш и гласаат, семејства одвоени во различни избирачки места, двојни адреси, гласачи што цел живот живеат на една адреса што одеднаш ги снемува...

2358

Евтина забава со мазохистички примеси, лош театар, типична балканска аљкавост… Сето тоа и многу повеќе може да биде описот за Државната изборна комисија, особено кога се работи за Избирачкиот список. За лакомоста и злоупотребите си постојат други описи. Добро би било кога описот би останал некаде во тие рамки, значи, не е добро, но како за Балкан, може да помине – добра стара фаталистичка позиција.

Но, освен што (може да) служи за подбив и забава, Избирачкиот список е алатка за кршење на човековите права, на фундаменталното човеково право на глас. Неприфатливи се оправдувањата за неефикасност на институциите, се разбира другите, додека ДИК е „безгрешен“.

Нема што нема во Избирачкиот список, а има и што нема. Фантоми се селат од една на друга адреса, исчезнуваат, па се враќаат, починати лица кои понекогаш и гласаат, семејства одвоени во различни избирачки места, двојни адреси, гласачи што цел живот живеат на една адреса што одеднаш ги снемува… Незамисливо! Со години го вергламе истото, но никој сериозно не се зафаќа. Па толку малку гласачи, па нека се и навистина над 1,8 милиони, рачно ќе се преброеја до сега, а не, пак, со скапи софтвери од десетици илјади евра (само последниот беше 70.000 евра), стотици вработени, високи плати и бонуси, да не зборуваме за злоупотребите, бидејќи дури тогаш ќе нѐ фати вртоглавица.

Што прави новиот ДИК со старите болести на Избирачкиот список? Исто што и стариот. Колку тоа исто е ништо, ќе се види на денот на референдумот, а тогаш ќе биде доцна. ДИК од гласачите бара, ако им се населил фантом на адресата, тоа да го пријават во ДИК. Зошто? За таму да ви кажат дека ДИК не е надлежен за тоа и дека треба да одите во МВР. Во МВР често велат дека треба да се обратите повторно во ДИК и дека таму, во нивната евиденција сѐ е в ред. Или да покренете управна постапка што може да чини пари, време и нерви. Без гаранција дека било што ќе решите од проблемите што, всушност, се работа на системот, а не на гласачите.

Доаѓаат сметки на име на фантомите, тропа полиција на вратите на луѓето во потрага по лица што не живеат таму, ама ги има во разни евиденции… Со политички договори се бришат, а потоа по сила на некои закони и закончиња, правила и процедури, се враќаат истите непоканети „гости“.

Ете, сето тоа треба да го регулираат самите граѓанки и граѓани, да бидат пинг-понг топче меѓу шалтери. Еден мој колега, заедно со неговата сопруга, беа ставени на листа на спорни гласачи, затоа што пријавиле фантоми на својата адреса. Тие сѐ уште се тука. Еден мој пријател ми кажа дека сѐ уште го гледа својот починат син на Списокот кога оди да гласа. „Починат е веќе 15 години“ – вели. Не е единствениот. А луѓе, реални, со валидни документи, со постојани адреси, ги има, па ги снемува од Избирачкиот список. Или се селат од едно до друго избирачко место. Или, ако живеете на булевар АСНОМ, што порано беше булевар АВНОЈ, може да се заплеткате во нов лавиринт. Особено затоа што има и улица АСНОМ во истата општина…

Хистеријата не менување на имиња и називи што ги држеше груевци со години, го направи своето. Но, институциите имаа речиси две години да се обидат да ги исправат тие грешки. Нема оправдување во тоа дека партиските војници во институциите спроведуваат „бел штрајк“ и „саботираат“. Уште за тоа ли да се грижиме?

Да се вратиме на Избирачкиот список. И покрај сите огромни пари од граѓанките и граѓаните, со големите плати што си ги делат малкумина, додека повеќето се со ниски примања, со сите услови, софтвери и хардвери, ДИК можеби и може да каже дека очекува пријави од граѓанките и граѓаните. Малку е срамота, но да кажеме дека ќе го прифатиме и тоа. Но, откако ќе се јави човек таму, зошто само не му земаат податоци и сами не ја бркаат работата? Зошто самите не одат во МВР и матичните служби и таму не ги исправат грешките што самите ги направиле? Зошто мора да им се пријави нешто на што реагираат со: „Јавете се во МВР!“

Ако случајно некој во ДИК и реши да ја преземе целата процедура, а не да ги тера луѓето сами да ја вршат нивната работа, да се надеваме дека нема да отворат ново одделение во кое ќе вработат „неопходни“ дваесет-триесет или повеќе службеници „без партиски врски“.

Граѓанките и граѓаните на оваа земја плаќаат за функционирање на ДИК и нема зошто тие да знаат дека МВР не им доставува податоци, ако воопшто е точно тоа. Проблем има, мора да се реши. Имаат закони, имаат процедури, имаат пари и персонал тоа да го одработат чесно. Ако некој закон или процедура не чини, има Влада и Парламент, се менува за да му помогне на системот и се тера еден живот. Системот постои сам за себе во некоја имагинарна сфера, а вистинскиот живот ни го регулираат политичките партии во бескрајни преговори и пазарења за тесни интереси.

Додека сево ова се случува, новиот ДИК, на само неколку недели од референдумот, има безброј нерешени проблеми, а наспроти тоа што го читаме од записниците, од внатре се слушаат „свиркања“ дека ќе се оди во шопинг (софтверски надградби, опрема)… Не знаеме ни тоа дали претходните ДИК-овци ги вратија дваесетте мобилни што ги набавија за фантастични 17.657 евра за само 11 месеци.

Ало? Претплатникот не е достапен, јавете се во МВР… Тииит!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...