Ало, возам, чекај да го поминам полицаецот!

1587

Застрашувачки висока е бројката на граѓани кои не се одвојуваат од мобилните телефони додека возат. Од април до октомври годинава казнети се 2.320 граѓани поради тоа што зборувале на мобилен телефон додека возеле.

– Во периодот од 23.04.2018 до 30.10.2018 година при засилени акциски контроли на подрачјето на СВР Скопје, издадени се 2.320 мандатни платни налози за прекршок по член 24 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „користење на мобилен телефон“ – велат од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо.

Во текот на 2017 година, регистрирани се вкупно 608 прекршоци за зборување на мобилен телефон за кои се издадени платни налози и се поднесени барања за поведување прекршочна постапка пред комисиите по прекршоци во Министерството за внатрешни работи. Во 2016 година, регистрирани се 712 прекршоци, а во 2015 година – 1.470 прекршоци.

Македонците изгледа не се грижат многу за казни кога станува збор за возење и зјапање во мобилен телефон. Се зборува со секого, се проверуваат мејлови, се ставаат фотографии на социјални мрежи. Секоја причина е добра за да се погледне во телефонот, па макар и на кратко.

Соговорничка на Плусинфо кажува дека понекогаш полицајците се меки, па ако им дадете добар изговор, ќе ве пуштат без да ви напишат казна.

– Имав напорен ден, па се јавив кај другарка ми да ѝ раскажам што се случи. Кога ме сопре полицаец, почнав да објаснувам и заплакав во целата таа збрка. Ме пушти без да ми напише казна, но ме опомена – вели таа.

Oд Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за Плусинфо велат дека според законот, оваа појава се санкционира со 40 евра во денарска противвредност или се регистрираат 25 негативни бода во возачката книшка на возачот кој за време на управувањето со возилото користел мобилен телефон.

– Но и покрај тоа, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат со возилото и на тој начин го прекршуваат законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот – велат од РСБСП.

Истражувањата покажале дека одвлекувањето на вниманието на возачот е причина за  20-25% од сите сообраќајни незгоди.

– Проблемите за одвлекување на вниманието на возачите како ризик фактор кој ја загрозува безбедноста на сообраќајот на патиштата константно прогресираат со развојот на технологијата и со зголемувањето на нејзината достапност и можност за употреба во моторните возила. Согласно тоа, се очекува во наредните години проблемот со управување на моторно возило под одвлечено внимание дополнително да се влошува – велат од РСБСП.

На светско ниво, 45% од возачите изјавиле дека го користат мобилниот телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП, во Република Македонија, 63% од возачите имаат користено мобилен телефон додека возеле.

– Пишувањето порака додека возите е еднакво на возење со затворени очи цели 6 секунди за кои возило со брзина од 60 км/ч поминува 100 метри. Согласно тоа, РСБСП апелира до возачите да бидат посветени и внимателни во сообраќајот, да се фокусираат на патот и случувањата во сообраќајот и да не користат мобилен телефон додека управуваат моторно возило – велат од РСБСП.

Секојдневните и големи метежи на скопските улици во текот на целиот ден исто така придонесуваат возачите додека чекаат во долгите колони да го „потрошат“ времето гледајќи во својот телефон. Речиси нема возач кому мобилниот не му е ставен пред воланот или го држи на совозачкото седиште или со едната рака вози а со другата го држи телефонот. Овие застрашувачки податоци за злоупотребата на мобилните телефони за време на возењето и загрозувањето на сообраќајот очигледно единствено можат да се решат само со драстично високи казни, а не со меки полициски срца.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...