„Али баба“ не може да ве зарази со корона, ама избегнувајте гушкање со кинески туристи!

Сегашните сознанија се дека не треба да ги одбегнуваме и заобиколуваме туристите од Кина, се разбира под претпоставка да не ни се накашлаат в лице, или нашите граѓани кои таму престојувале, доколку тие немаат зголемена температура. Ако имаат температура, што е еден од симптомите на болеста, тие секако треба да се стават во карантин - вели д-р Босилковски.

1352

Паниката од новиот корона вирус се шири и во нашата земја, а најновата дилема која се појави кај граѓаните е дали со овој смртоносен вирус може да се заразат и преку прием на пратка од Кина, од каде масовно се порачува техничка стока, гардероба, а меѓу најчестите пратки се слушалки за мобилен телефон.

– Син ми очекува пратка од Кина, но откако се појавија информации за новот вирус, тој сега се прашува дали е безбедно да ја подигне пратката која треба да стаса од оваа земја. И неговите другари ги мачи истото прашање – вели една скопјанка.

За овие и за други дилеми околу мистериозниот вирус, од кој досега починаа 106 лица (најмногу во оваа недела), а повеќе од 4.500 се заразени, во разговор за Плусинфо инфoрмира инфектологот д-р Миле Босилковски, кој е и претседател на Комисијата за заразни болести.

– За тоа колку е контагиозен овој вирус (индекс на контагиозност) не се знае уште, односно, не се знае колкава е веројатноста еден човек да зарази друг и  колку лица еден заболен може да зарази. Она што досега е познато е дека вирусот се пренесува до 4-та генерација кај Кинезите, а кај другите до 2-ра генерација, но во овој момент ниту едно сознание не е дефинитивно. А индекс на контагиозност, на пример, кога станува збор за морбили, е следниот: ако во соба влезе еден заболен од оваа сипаница, а има 100 лица во просторијата, ќе се разболат повеќе од 90 отсто од нив! Од корона вирусот не знаеме колку ќе се разболат. Што се однесува до пратките, сегашните сознанија се дека со корона вирусот не може некој да се зарази доколку прими пратка која стасува од Кина – вели д-р Босилковски.

Во врска со термалната камера на скопскиот аеродром и тоа дали истата требало порано да се вклучи, барем за патниците кои слетуваат од аеродроми кои имаат директни летови со Кина, тој одговара:

– Термалната камера повеќе е поради психолошкиот впечаток, бидејќи има можеби патници кои се во потенцијален период на инкубација, имале зголемена температура, но се напиле парацетамол и ќе ја поминат камерата без да ги забележи бидејќи им се намалила температурата. А тој патник секако ја поминал камерата на аеродромите во Доха или во Истанбул. Не гледам место за паника во овој дел – тврди д-р Босилковски.

Дали во оваа ситуација, кога има многу непознати факти за вирусот е опасно да се доближуваме до граѓаните од Кина кои ја посетуваат земјава, дали можеби треба да ги заобиколуваме, д-р Босилковски одговара:

– Сегашните сознанија се дека не треба да ги одбегнуваме и заобиколуваме туристите од Кина, се разбира под претпоставка да не ни се накашлаат в лице, или нашите граѓани кои таму престојувале, доколку тие немаат зголемена температура. Ако имаат температура, што е еден од симптомите на болеста, тие секако треба да се стават во карантин. Не гледам место за паника во овој дел, туристите од Кина не се опасни за нас тука, но мора да сме внимателни. И на Клиниката за  инфективни болести се внимава, потенцијалните заразени со корона вирусот секако нема да седат во иста чекална со други пациенти. Тие секако ќе се најават, а битно е што од регионот Вухан не ни влегуваат во земјава – појаснува овој инфектолог од Клиниката.

Тој нагласува дека доколку има сомнителен случај, матичниот лекар секако треба да го најави на оваа Клиника, каде има посебна просторија за прием на овие потенцијални пациенти. Д-р Босилковски вели дека во скоро време немал пациенти од Кина, но порано да, доаѓале на преглед на Клиника.

– Сега немаме пациенти од Кина, но кога ја градеа браната Козјак, имаше и пациенти Кинези и тоа со разни состојби кои тука ги лекувавме. Сега не сум чул ни од колегите да прегледале некој од оваа земја. Што се однесува до патувањата во оваа огромна земја, препораката е ако не се мора, да не се оди во Кина. Еве јас, ако треба, би одел таму – додава д-р Босилковски.

Според експерти што ги консултираше Би-Би-Си, нема докази дека пратките од Кина се ризик за ширењето на вирусот. Но, некои болести, вклучително и коронавирусот што предизвикува Сарс, може да се шират низ површини загадени од луѓе кои кашлаат или киваат. Но, засега не е потврдено дека овој нов коронавирус може да го стори тоа. Студените вируси, објаснуваат експертите, имаат тенденција да преживеат помалку од 24 часа надвор од човечкото тело, иако норовирусот, на пример, може да трае со месеци надвор од телото.

Во Пекинг почина првата жртва на новиот сој корона вирусот кој се појави во Кина, соопштено е официјално. Вкупниот број на мртви се зголеми од 81 на 106, додека бројот на заразени порасна од 2.835 на 4.515. Вирусот чие службено име е „2019-nCoV“ може да предизвика пневмонија, но се уште не е сосема јасно како се шири. Во други земји во светот има регистрирани случаи на заразени граѓани, но засега нема мртви.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...